петок, ноември 13, 2026
Дома МАГАЗИН ВОЗАЧИ, ВНИМАВАЈТЕ: Од утре стартува законската обврска за зимска опрема во возилата

ВОЗАЧИ, ВНИМАВАЈТЕ: Од утре стартува законската обврска за зимска опрема во возилата

0

Од 15 ноември започнува законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, која ќе важи до 15 март следната година. За возачите што треба да купат нови зимски гуми, ова претставува дополнителен трошок за семејниот буџет. Проверката на цените во македонските продавници покажува дека комплет од четири зимски гуми може да чини од околу 11.500 до над 30.000 денари, зависно од производителот и димензијата, а дополнително се плаќаат монтажа и балансирање.

Министерството за внатрешни работи ги потсети граѓаните дека од 15 ноември до 15 март сите возила што учествуваат во јавниот сообраќај мора да ја поседуваат пропишаната зимска опрема.

За патничките автомобили со маса до 3.500 килограми, прописите предвидуваат две можности: зимски гуми на сите четири тркала со минимална длабочина на шарите од четири милиметри или летни гуми со најмалку четири милиметри длабочина на шарите и соодветни синџири за снег за погонските тркала. За возилата со погон на сите четири тркала важат посебни правила, меѓу кои и минимална длабочина на шарите од шест милиметри доколку се користат зимски гуми.

Од МВР нагласуваат дека за зимски пневматици се сметаат оние што ги имаат пропишаните ознаки, како M+S, MS или симболот на снегулка во планина со три врва.

ИЗДВОЕНИ