Општина Аеродром, во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), објавува Јавен повик за граѓанските организации во рамките на регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 3 (ReLOaD3).
Програмата претставува продолжение на партнерството меѓу Европската Унија и УНДП, надоврзувајќи се на претходните иницијативи ReLOaD1 и ReLOaD2, спроведени во периодот од 2017 до 2024 година.ReLOaD3 програмата ќе трае до јануари 2029 и има цел јакнење на партнерствата меѓу општинските власти и граѓанскиот сектор.
-Проектните предлози треба да опфатат четири приоритетни области: Заштита на животната средина и одржлив развој, Млади, дигитална трансформација и иновации, Здравје, превенција и здрави животни навики и Социјална инклузија и поддршка за ранливите групи и лицата со попреченост – соопштија од Општина Аеродром.
Финансиската поддршка е предвидена во три категории: ЛОТ 1: од 150.000 до 307.000 денари, ЛОТ 2: од 307.001 до 615.000 денари и ЛОТ 3: од 615.001 до 1.537.000 денари.
Право на учество имаат сите формално регистрирани граѓански организации согласно со Законот за здруженија и фондации.
Јавниот повик ќе биде отворен до 8 декември 2026 година, до 15:00 часот.
Заинтересираните организации ќе имаат можност да присуствуваат на инфосесија и еднодневна обука на 12 ноември 2026 година, со почеток во 10:00 часот, во салата на Советот на Општина Аеродром. Предвидена е и дополнителна менторска поддршка.
Апликациите се доставуваат во електронска форма на USB, во запечатен плик, лично или по препорачана пошта, на адресата: Општина Аеродром, булевар „Јане Сандански“, број 109 Б, 1000 Скопје, со назнака: „Да не се отвора пред официјалното отворање“.
Подносителите на пријава задолжително треба да достават важечка потврда/решение за регистрација на организацијата во земјата (за носителот на проектот и евентуални партнери.
Општина Аеродром ги повикува граѓанските организации да ја искористат оваа можност, да ги претстават своите идеи и да понудат конкретни решенија за развој на општината и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.












