Заштита на енергетската инфраструктура од сајбер-закани и воспоставување секторски Центар за безбедносни операции се во фокусот на соработката меѓу Министерството за енергетика и глобалната компанија „БАЕ Системс“. Партнерството беше потврдено на работен состанок во рамките на програмата Фалкон со поддршка на Амбасадата на САД.
На состанокот, на кој присуствуваше министерката за енергетика Сања Божиновска, беа презентирани резултатите од проценката и теренските анализи на ИТ-системите на Министерството. Експертите на „БАЕ Системс“ го оценија ИТ-тимот како еден од најподготвените со кои досега соработувале, посочувајќи ја неговата посветеност и примената на меѓународните стандарди за сајбер-безбедност.

Еден од клучните приоритети е воспоставување секторски Центар за безбедносни операции, кој ќе овозможи навремено откривање на дигиталните закани и координирана реакција на институциите во енергетскиот сектор. Се разгледуваат и можностите за финансирање на проектот преку европските фондови и Реформската агенда.
– Заштитата на ИТ-инфраструктурата е клучна за нашата енергетска стабилност. Со градењето на овој секторски центар и со поддршка од нашите стратешки партнери, обезбедуваме современа заштита од дигитални закани и гарантираме непречено функционирање на енергетскиот систем – истакна Божиновска.
Од Министерството посочуваат дека целта е зајакнување на критичната инфраструктура и обезбедување континуирана испорака на енергетски услуги за граѓаните и стопанството.












