Најдобар филм на 26. Скопски филмски фестивал, чие возобновено издание заврши синоќа, во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар, е норвешко-ирачкиот „Нема рај ако те убие жена“, во режија на Халкавт Мустафа.

Филмот ја прикажува Вијан, курдска снајперистка што ја преживеала војната сосема исклучувајќи ги своите емоции. Кога дознава дека нејзината помлада сестра, чија трага ја загубила во текот на нападот на ИСИС во 2014 година, можеби сѐ уште е жива во Мосул, се враќа во градот обликуван од смртта и од деструктивноста. Нејзината потрага станува спасувачка мисија и соочување со траумата што се обидувала да ја потисне со години.

– Ова е кинематографско дело што носи моќна, автентична перспектива за курдските жени-борци, кои го победуваат екстремизмот преку фундаменталниот страв дека „нема рај ако те убие жена“ – е образложението на меѓународното жири составено од Стив Абот (продуцент, Велика Британија), Даниела Вебер (селекторка и фестивалска консултантка, Германија), Павле Вучковиќ (режисер и сценарист, Србија), Лабина Митевска (актерка и продуцентка, Македонија) и од Даријан Пејовски (режисер и сценарист, Македонија), кое ги оценуваше филмовите во годинашната натпреварувачка програма насловена „Дијалози“.

Наградата за најдобра режија, пак, му припадна на Габор Холтаи за филмот „Чувство на дом“, „како автор што мајсторски пренесува на големото платно алегорија за систематската државна репресија, која иронично носи ’чувство на дом’“.
Жирито во рамките на селекцијата „Дијалози“ додели и специјално признание за филмот „Тивки ноќи“ на Лоренс Фахардо.
– Сакаме да му оддадеме признание за неговиот живописен приказ на бруталните одреди на смртта во текот на режимот на Дутерте на Филипините – е образложението за ова признание.
Фестивалскиот совет додели и специјална награда за филмот „Отфрлен“ на Винсент Гарено, кој со „исклучителна сензитивност ја прикажува вистинската приказна за неодамнешниот трагичен напад врз професор во француско средно училиште“. Ова филмско остварување пристигна во Скопје директно од Канскиот филмски фестивал 2026.

Инаку, фестивалот почна на 4 ноември, во Македонскиот народен театар, со црвен килим и со проекција на филмот „Идиот(и)“ на полскиот режисерски тандем Малгоржата Шумовска – Михал Енглерт. Фестивалот за отворен го прогласи директорот на Скопскиот филмски фестивал, Томи Салковски. Годинашната востановена награда „Златна скополија“ за извонреден придонес кон светската кинематографија, првпат им беше доделена и врачена, на свеченото отворање на фестивалот, токму на Шумовска и на Енглерт, како признание за нивниот длабок и бескомпромисен уметнички придонес во современиот светски филм.

Втората фестивалска вечер беше обележана со премиерата на „17“ во режија на Косара Митиќ, македонскиот кандидат за наградата „Оскар“. Филмот за сексуалното насилство кај младите и за последиците од него никого не остави рамнодушен. Скопската публика, која го проследи во МНТ со силен и долг аплауз, го награди долгометражното деби на режисерката, кое ги следи средношколката Сара и нејзината лична борба со себеси поради криењето на бременоста, молкот пред родителите, соучениците, наставниците.
Во текот на фестивалската недела, публиката имаше можност да види внимателно избрана програма со меѓународни фестивалски хитови, европски кратки филмови и со моќни регионални авторски остварувања. Програмата беше надополнета и со три мастерклас-сесии во МКЦ, каде што истакнати филмски дејци, меѓу кои српскиот актер и режисер Драган Бјелогрлиќ и меѓународниот филмски експерт Ники Никитин, ги споделија своите искуства од снимањето филмови, како и од дистрибуцијата на дебитантски филмови и стратегии на фестивалскиот пазар.
Организаторот го најави следното 27. издание на фестивалот за периодот од 12 до 17 октомври 2027 година. (Н. И. Т.)












