Аналитичарите на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) изразија сомнежи во врска со информациите што Израел им ги доставил на американските власти за наводен ирански заговор за атентат врз американскиот претседател Доналд Трамп.
Трамп тајно го сменил авионот минатиот месец кога ја напуштил Турција поради овие предупредувања.
Сепак, според „Вашингтон пост“, аналитичарите на ЦИА не ги сметале дадените информации за доволно убедливи.
Весникот цитираше сегашни и поранешни американски функционери запознаени со разузнавањето. Според нив, Израел ѝ доставил на ЦИА информации за наводната закана, но американските аналитичари не процениле дека има доволно докази дека опасноста е реална.
Еден од функционерите рече дека информациите биле „од израелско потекло, а не собрани од САД“ и дека затоа се сметаат за несигурни.
Друг функционер изјави дека Тајната служба сепак одлучила да продолжи со максимална претпазливост.
„Тајната служба имала три ситуации каде што претседателот бил блиску до опасност, па затоа не сакале ништо да остават на случајот“, рече функционерот.
„Тие направиле што морале“, додаде тој.
Поранешен американски функционер рече дека овој случај се вклопува во поширокиот модел на известување на израелското разузнавање. Според него, некои американски претставници веруваат дека дел од информациите биле наменети не само за информирање на претседателот, туку и за влијание врз неговото донесување одлуки.
„Вашингтон пост“ објави дека Белата куќа не сакала директно да коментира за случајот.
Сепак, анонимен американски претставник изјавил дека Трамп, како што самиот претходно рекол, се соочува со бројни закани по неговиот живот, вклучително и оние што доаѓаат од Иран.
„Се преземаат сите мерки за да се обезбеди неговата безбедност“, рече претставникот.
„Примарната мисија на Тајната служба на Соединетите Американски Држави е да го заштити претседателот, што и го постигнаа“, додаде тој.












