Смртта на 32-годишниот Кристијан Јосип Периш – поранешен спортист кој почина на 21 октомври 2026 година во Психијатриската болница „Свети Иван“ во загрепската населба Јанкомир – отвори едно од најтешките прашања за хрватскиот здравствен систем, што му се случува на човекот откако ќе се најде зад затворените врати на некоја психијатриска установа, скриен од очите на семејството и јавноста?

Четворица медицински техничари се осомничени за тешко убиство, според истрагата, снимките од безбедносните камери покажале дека тие постапувале насилно кон пациентот. Иако правната постапка допрва треба да ја утврди нивната кривична одговорност, Министерството за здравство укажа и на пропусти во процедурите за пријавување на неговата смрт.

Овој случај, кој ја потресе Хрватската јавност, потсетува на едно од најпознатите новинарски истражувања во историјата. Пред речиси 140 години, една млада американска новинарка одлучила да симулира ментално заболување за да биде примена во психијатриска установа, со цел одвнатре да ги истражи условите во кои живееле пациентките.

Таа се викала Нели Блај, а она што го открила целосно ја променило перцепцијата на јавноста за третманот на лицата сместени во психијатриски установи. Новинарка која намерно завршила во психијатриска установа.

Во 1887 година, Нели Блај, тогаш млада новинарка во весникот „Њујорк ворлд“ (New York World), прифатила задача за која била потребна извонредна храброст. Таа одлучила да се претстави како жена со ментални проблеми за да биде испратена во психијатриска установа на островот Блеквелс во Њујорк.

Фото: Wikipedia

Се подготвила така што вежбала однесување кое би предизвикало сомнеж кај другите за нејзината ментална состојба. Зборувала неповрзано, се однесувала чудно и тврдела дека не се сеќава на одредени работи.

Набргу била ставена под психијатриско набљудување, а потоа и примена во установата. Нејзината намера била да стигне на место до кое новинарите тешко можеле да допрат и да забележи што навистина се случува зад болничките ѕидови.

Десет дена сведочела за услови што ја шокирале јавноста

За време на десетте дена поминати во установата, Блај била сведок на услови што подоцна ги опишала како понижувачки и нехумани. Во своето истражување, таа навела дека пациентките биле изложени на груб третман, лоша хигиена, несоодветна исхрана и студ. Таа исто така опишала методи што се користеле за дисциплинирање на пациентките, вклучувајќи физичко ограничување на движењето и принудно капење во ладна вода.

Посебно ја истакнала положбата на жените кои завршиле во установата, иако, според нејзините забележувања, тие не покажувале симптоми што би оправдале таков третман. Некои од нив, како што навела, не можеле да комуницираат со персоналот поради јазични бариери, додека други биле сиромашни и немале семејство кое би застанало зад нив.

Блај заклучила дека за луѓето кои еднаш биле примени во установата, било многу тешко да докажат дека се способни да ја напуштат.

Истражувањето предизвикало реакции и поттикнало промени

Откако ја напуштила установата по десет дена, Нели Блај објавила серија текстови за своето искуство. Нејзините написи привлекле големо внимание во јавноста, а подоцна биле собрани во книгата „Десет дена во лудница“. Истражувањето отворило дискусија за условите во психијатриските установи, положбата на пациентите и одговорноста на институциите кои требало да им обезбедат заштита.

По објавувањето на текстовите, следела официјална истрага, а властите одобриле дополнителни средства за подобрување на условите во установата.

Приказна стара речиси 140 години и прашање што е актуелно и денес

Нели Блај станала една од најпознатите истражувачки новинарки на своето време. Нејзиното истражување покажало колку е тешко да се провери што се случува во установите каде што луѓето се особено ранливи и зависни од оние што се грижат за нив.

Речиси 140 години подоцна, смртта на Кристијан Јосип Периш повторно го отвори прашањето за надзорот врз работата на психијатриските установи, заштитата на пациентите и одговорноста на вработените.

Иако случаите од различни историски периоди не можат едноставно да се изедначат, тие нè потсетуваат на истата важна обврска: достоинството, безбедноста и правата на луѓето што се на лекување мора да бидат заштитени, а секое тврдење за насилство мора да биде сериозно и независно истражено.

ИЗДВОЕНИ