Кошаркарите на Црвена звезда доживеаја убедлив пораз на гостувањето кај Реал Мадрид, во 11. коло од Евролигата, кој славеше со убедливи 105:84. Сепак, резултатот брзо падна во втор план поради скандалозниот потег на Џеред Батлер.
Американскиот кошаркар, кој ги постигна своите први поени на натпреварот во последната секунда, доби аплауз од навивачите на белградскиот клуб. Наместо да го прифати гестот со благодарност, тој направи нешто што предизвика неверување меѓу присутните.
Имено, тој се сврте кон навивачите на Црвена звезда и им го покажа средниот прст, гест што предизвика бурни реакции меѓу навивачите, кои допатуваа во Мадрид за да го бодрат својот тим.
Но, не застана тука. Според сведоштвата на дел од навивачите, Батлер го повторил истиот потег и при напуштањето на теренот, дополнително зголемувајќи го незадоволството кај поддржувачите на белградскиот клуб.
Причината за ваквата реакција на американскиот кошаркар засега не е позната, особено ако се има предвид дека претходно доби аплауз од сопствените навивачи.











