четврток, август 13, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Младите учат како да спасуваат животи во случај на пожар

Младите учат како да спасуваат животи во случај на пожар

18

Шеснаесетмина волонтери од Црвениот крст од Делчево во Словенија од средата ги учат основите на противпожарната заштита и спасувањето животи во услови на пожар во рамките на традиционалниот интернационален младински противпожарен камп во Чрномељ, Словенија.

Учествуваат околу 200 деца од неколку држави, кои се поделени на водови, а за секој вод е определен по еден ментор. Низ детски игри, дружење, показни вежби со пожарникарите, учениците се запознаваат со работата на пожарникарите, учат како се користи опремата со цел да научат што значи да се биде пожарникар и како се спасуваат имотот и животот на граѓаните. Целта на овој традиционален камп што се одржува во Чрномељ е да се мотивираат младите да се приклучат кон доброволните противпожарни друштва.

Учеството на претставниците од Делчево на овој камп е резултат на добрата соработка на двете општини, Делчево и Чрномељ.

Градоначалникот Иван Гоцевски, кој е дел од заедничката мисија со волонтерите, истакнува дека овој интернационален камп отвора перспективи за стекнување непроценливо знаење.

– Нивното учество е многу повеќе од едно патување или еден младински камп, бидејќи овој настан, кој се одржува со години во пријателската Општина Чрномељ, нуди нови знаења, размена на искуства, но и доказ дека и Делчево има млади што знаат што значат хуманост, солидарност, одговорност и волонтирање. Со ваквите активности, градиме мостови меѓу младите од Делчево и младите од европските средини. Пријателствата што ги градат младите се најцврстата основа за идната соработка меѓу нашите општини и нашите земји – нагласи Гоцевски.

Тој изрази благодарност до домаќините, Општина Чрномељ и градоначалникот Андреј Кавасек, за гостопримството, но, пред сè, за соработката, која отвора нови перспективи за двете општини и која се надградува со младите, кои се иднината на двете општини.

Освен волонтерите, на кампот, како инструктори, учествуваат и претставници од ТППЕ Делчево, од Доброволното противпожарно друштво од Делчево и од ОО на Црвениот крст Делчево. Младинскиот противпожарен камп се реализира од 12 до 16 август.

 

 

ИЗДВОЕНИ