Огромна уметничка инсталација долга 30 и висока речиси три метри, поставена кај Бранденбуршката порта, во наредните неколку дена ќе биде визуелен потсетник на ѕидот што во минатото го делеше Берлин на два дела. Инсталацијата, која зависно од која страна се гледа, е проѕирна или непроѕирна, но никако не е реплика на ѕидот, е поставена e денеска, по повод 65-годишнината од почетокот на изградбата на Берлинскиот ѕид, а одбележувањето на овој настан со разни манифестации ќе трае до недела, 16. овој месец.
Изградбата на Берлинскиот ѕид почна на 13 август 1961 година, откако два месеца претходно претседателот на Државниот совет на ГДР, Валтер Улбрихт, рече: „Никој нема намера да подигне ѕид“. Ноќта кога почна изградбата, тогашната Демократска република Германија – ГДР прво ја опколи границата со бодликава жица, блокираше улици и ги прекина сообраќајните врски. Масивниот ѕид и системот за утврдување беа создадени во текот на следните месеци.
Цели 28 години таа бариера долга околу 155 километри спречуваше преминување на границата и ги делеше Источна и Западна Германија, истовремено разделувајќи многу семејства. Во тој период, најмалку 140 луѓе биле убиени на Берлинскиот ѕид или починале во врска со граничниот режим на ГДР во тој период. Покрај тоа, најмалку 251 патник починал во текот или по инспекциите на граничните премини во Берлин. Ѕидот падна на 9 ноември 1989 година, а повторното обединување на Германија следуваше нецела година подоцна.












