Случајот со Алта банка продолжува да предизвикува жестоки политички реакции, откако ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ излегоа со спротивставени ставови за работењето на банката, нејзиното влегување на македонскиот финансиски пазар и одговорноста на надлежните институции.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека документите ги демантираат обвинувањата на СДСМ и претседателот на партијата, Венко Филипче, дека Алта банка имала забрана за работа во Европската Унија или дека била санкционирана од Европската централна банка. Како аргумент, од владејачката партија ја посочуваат седницата на Владата од 24 октомври 2023 година, за време на владата на СДСМ и ДУИ, кога тогашниот министер за финансии Фатмир Бесими побарал одобрување од Државното правобранителство да воспостави деловни односи со Алта банка од Србија, во сопственост на Давор Мацура.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат и дека, според податоците објавени на официјалната интернет-страница на Адико банка во Виена, Алта банка од Белград поседувала 9,63 проценти од акциите на оваа финансиска институција. Дополнително, наведуваат дека банката имала договор со Рајфајзен банка од Виена за планирано преземање на Адико банка и нејзините филијали во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека овие податоци се во спротивност со тврдењата на СДСМ и бара од Филипче да објасни зошто претходната влада разгледувала деловна соработка со истата банка. Воедно, партијата го повика Јавното обвинителство да ги испита сомнежите и да постапи во рамки на своите надлежности.
Од друга страна, СДСМ обвинува дека премиерот Христијан Мицкоски панично ја брани Алта банка и се обидува да го заташка случајот. На прес-конференција, членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, изјави дека гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, презел одговорност со тоа што ја потпишал одлуката за дозвола за работа на банката.
Од СДСМ тврдат дека Славески јавно признал оти одлуката била донесена во консултации со Мицкоски. Партијата соопшти дека поднела кривични пријави против гувернерот и сите инволвирани во процесот на влез на Алта банка во земјава. Фрчкоски изнесе сериозни обвинувања во врска со потеклото на капиталот на банката, сопственикот Давор Мацура и наводни сомнежи за перење пари, барајќи од Обвинителството да ги испита сите околности. Тој побара и преземање мерки на претпазливост кон Славески, вклучително и привремена забрана за вршење на должноста, со цел, како што рече, да се спречи евентуално влијание врз сведоци и докази.
СДСМ го обвини Мицкоски за политички притисок врз Обвинителството и побара институцијата да постапува независно и без политички влијанија. Од партијата тврдат дека граѓаните се соочуваат со проблеми во пристапот до своите средства поради состојбите поврзани со банката и воведувањето присилна управа.
Јавниот обвинител Савески, одговарајќи на новинарско прашање дали Обвинителството ќе се вклучи во случајот по поднесените кривични пријави, посочи дека секоја пријава што ќе пристигне во институцијата се распределува кај надлежен јавен обвинител, кој има обврска да ги провери изнесените наводи. Тој нагласи дека Обвинителството ги анализира и јавните повици за отворање постапки, но дека тие не значат автоматски и постоење основа за кривично гонење.-
Наше е да провериме, да истражиме, да собереме докази во секоја ситуација, вклучително и во оваа – изјави Савески.
Како и да е, одговорите за евентуалната одговорност на инволвираните ќе зависат од доказите и постапувањето на надлежните институции.
(С.Бл.)












