Пратеничката Моника Зајкова очекува денеска, доколку биде доработен предлог-законот за електронска нараквица, тој да биде поднесен во Собранието. Ова е третпат Зајкова да иницира законско решение со кое насилниците ќе носат електронска нараквица за следење, а жртвите ќе добијат дополнителен механизам за заштита. Според предлогот, нараквицата би се изрекувала со мерката забрана за приближување до жртвата. Таа нема да алармира само доколку насилникот се приближи на помалку од 100 метри од жртвата, туку и ако се доближи до нејзиниот дом, работното место или училиштето, доколку во случајот се вклучени и деца.

Зајкова за весникот Вечер објаснува дека задолжително носење електронска нараквица е предвидено во случаите кога ќе биде проценет висок ризик од насилство. Во таква ситуација, полицијата во рок од 24 часа треба да ги извести Управата за извршување на санкциите, Центарот за социјална работа, судот и обвинителството дека станува збор за итен случај. Но, и овој рок Зајкова го смета за предолг, особено во помалите средини каде што жртвата и насилникот често живеат во непосредна близина.
– Сметам дека рокот од 24 часа е долг, особено кога жртвата и насилникот живеат во мало место. Судот треба во кус рок, од шест часа, да ја донесе одлуката за електронска нараквица, вели пратеничката.
Задолжително носење нараквица е предвидено и во случаите кога против лицето претходно биле изрекувани прекршочни мерки. Предлогот содржи и таканаречен паник-уред што жртвата би можела да го носи со нејзина согласност. Зајкова нагласува дека, покрај законското решение и техничката заштита, клучна е брзата реакција на институциите.
– Најважна е брзата реакција, особено во помалите места каде што имаме чести случаи кога некој полициски службеник „добро стои“ со насилникот, посочува таа.
Во меѓувреме, и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека МВР подготвува свое законско решение за спречување и заштита на жртвите од семејно насилство, кое исто така предвидува употреба на електронски нараквици.
Суштината на двата предлога е да се овозможи навремено предупредување при прекршување на забраната за приближување и да се спречи насилникот повторно да дојде во контакт со жртвата. Особено по последниот седми по ред случај на фемицид во земјава. (П.А.)












