Претставата „Пинокио“ во изведба на Народниот театар од Битола, денеска (18 септември) во 12:00 часот, ќе го отвори седмото издание на театарскиот фестивал за деца „Силјан Штркот“, што ќе се одржи до 25 септември, во Прилеп.

„Пинокио“ од Карло Колоди, во режија на Деан Дамјановски, е приказна за растењето, изборите, искреноста, љубовта и за патот кон тоа да станеме подобри. Тоа е приказна што почнува со детската фантазија и по повеќе од еден век нè потсетува дека патот до тоа да станеш „вистински“ минува низ искушенија, грешки и храброст. Ова е претстава во која, покрај забава, детето ќе научи да ги препознава чувствата, да поставува прашања, да го разликува доброто од лошо, да верува, да сонува и да ја користи својата фантазија.
Главниот лик во претставата го игра Никола Стефанов, а во другите улоги настапуваат Валентина Грамосли, Марјан Георгиевски, Јулијана Мирчевска, Маја Андоновска-Илијевски, Катерина Аневска-Дранговска, Александар Димитровски, како и децата од театарската школа „Бабец“: Ана Анѓелевска, Стефан Доневски, Матеа Василевска, Лина Трампевска, Николина Јанкоска, Ана Марија-Каранфиловска, Војдан Мавровски, Николај Илијевски, Марија Јовев, Андријана Мемет, Каја Крстевска.

Композитор е Марјан Неќак, сценографијата е на Сергеј Светозарев, костимографијата на Андреј Ѓоргиевски, изработката на маски на Сара Милевска, ментор на театарската школа „Бабец“ Јулијана Мирчевска.

Фестивалот „Силјан Штркот“ е во организација на Здружението „Мал театар“ од Прилеп, со поддршка и покровителство на Општина Прилеп, Министерството за култура и туризам, како и во соработка со Центарот за култура „Марко Цепенков“, каде што се играат најголемиот дел од претставите.

ИЗДВОЕНИ