Изложбата „Пресек“ на авторката Ирена Паскали ќе биде отворена вечерва (18 септември) во 19:00 часот, во Чифте амам.

„Пресек“ претставува селекција од богатото творештво на уметницата и одбележување на нејзиното 30-годишно уметничко дејствување, а истата ќе биде отворена за посетителите до 22 октомври.

Паскали работи во различни медиуми: фотографија, видео, цртежи, експериментален филм, перформанс, а нејзините дела вклучуваат и експерименти со природни материјали. Централното место во нејзината работа и истражувања им е посветено на човекот, општествените и социјално-политичките прашања кои се во неразделна врска со идентитетските прашања и отуѓувањето, духовноста, односот меѓу минатото и сегашноста, како и фрагментација на културите и на религиите.

Ирена Паскали (р. 1969, Охрид) е истакната македонска мултимедијална и современа уметница со богата меѓународна кариера. Завршила средно уметничко училиште во Скопје, Факултетот за ликовни уметности во Скопје (2000) во класата на професорот Станко Павлески, а магистрирала на престижната Академија за медијални уметности во Келн, Германија (2007), каде што живее и работи од 2004 година. Добитник е на повеќе меѓународни стипендии (Германија, Франција, Того, Русија, Латвија), како и на меѓународни награди (Кореа, Албанија, Германија, Србија и др.). Има реализирано повеќе самостојни изложби и е учесник на многу меѓународни изложби.

Изложбата е дел од програмските активности на Националната галерија за 2026 година, а е поддржано од Министерството за култура и туризам и од ИФА (IFA – Institut für Auslandsbeziehungen – Institute for Cultural Relations) од Германија. На отворањето на изложбата ќе се обратат: г-ѓа Петра Дрекслер, амбасадорка на Сојузна Република Германија во Македонија; д-р Али Синани, директор на Националната галерија на Македонија; авторката Ирена Паскали и Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос, куратор на изложбата.

ИЗДВОЕНИ