Работната група на „Европо“л за идентификација на жртви (VIDTF) прелиминарно идентификуваше 18 деца жртви на сексуална злоупотреба во текот на изминатите две недели, што претставува уште еден значаен чекор во борбата против сексуалната експлоатација на деца, соопшти денеска „Европол“.
Во соопштението се наведува дека во периодот од 7 до 18 септември, експерти од 28 земји, како и претставници на „Европол“ и „Интерпол“, се собрале во седиштето на „Европол“ во Хаг, каде што анализирале 377 збирки на податоци и успешно лоцирале 147 жртви.
Покрај тоа, идентификувани се пет сторители на сексуална злоупотреба на деца кои дејствувале од неколку различни земји.
„Европол“ е домаќин на Работната група за идентификација на жртви од 2014 година; оттогаш се идентификувани 1.260 жртви на сексуална злоупотреба на деца и се уапсени 348 сторители.
Во текот на изминатата година се идентификувани повеќе од сто деца кои биле жртви на сексуална злоупотреба. Во работата на Работната група за идентификација на жртви учествуваа претставници од Белгија, Бугарија, Чешка, Естонија, Франција, Грција, Германија, Ирска, Италија, Литванија, Малта, Холандија, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска, Австралија, Исланд, Молдавија, Нов Зеланд, Норвешка, Србија, Велика Британија, Украина, САД, „Европол“ и „Интерпол“, пренесува „Танјуг“.












