По немилиот настан што се случи во вчеравечер, кога детското игралиште „Патрик“ беше буквално цел на вандалско однесување и беше сериозно оштетено од група млади лица, градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска изврши увид во состојбата на игралиштето.
Притоа, наведе дека станува збор за едно од најубаво уредените детски катчиња во Општина Аеродром, простор создаден за игра, дружење и безгрижно детство и оти е причинета штета што, според првичните процени, изнесува повеќе илјади евра.
Веднаш по добиените информации, тој заедно со екипите на Општина Аеродром излегол на терен.
Од Општина Аеродром соопштија дека е привремено затворено игралиштето од безбедносни причини и дека во најкраток можен рок ќе се пристапи кон целосна санација на штетите и замена на оштетените реквизити со нови.
Според општинските власти, случајот е пријавен во полиција и поднесени се соодветни пријави против сторителите.
– Ваквото однесување не смее да остане неказнето, затоа што станува збор за свесно уништување имот што им припаѓа на сите граѓани – нагласија од Општина Аеродром.

Оттаму упатија особена благодарност до својот сограѓанин Никола Поповиќ, кој со својата брза и одговорна реакција помогнал да се спречи понатамошно дивеење и нанесување уште поголема штета.
Од локалната самоуправа ги повикаа сите граѓани доколку забележат вандализам, уништување на јавен имот или какво било несовесно однесување, веднаш да ги известат општинските служби и полицијата.
– Само заедно можеме да ги заштитиме местата што ги користат нашите деца и сите жители. Мора да им ставиме крај на ваквите појави. Јавното добро не е ничие приватно игралиште за уништување. Тоа е создадено со средства на граѓаните и е обврска на сите нас да го чуваме и почитуваме – децидни се општинските власти.
Тие додаваат дека, за жал, не се случуваат вакви инциденти само во Аеродром туку и во многу други општини и населени места.
– Затоа се потребни поголема општествена одговорност, повеќе грижа и јасна осуда на секој обид за уништување на заедничкиот простор – сметаат од Општина Аеродром, од каде што порачуваат граѓаните да ги чуваат парковите, игралиштата и јавните површини, затоа што, како што велат, се создадени за нашите деца, за нашите семејства и за иднината на заедницата во која живееме.












