| Стариот Континент погоден од исклучително силен и многу ран топлотен бран |
Најмалку 18 лица починаа во Франција, вклучувајќи две деца оставени во жежок автомобил, додека топлотниот бран ја окупира Европа, рушејќи температурни рекорди.
Секаде температурите од ден на ден растат, а Франција е најпогодена. Температурата во Бордо се искачи на 41,9 Целзиусови степени, соборувајќи го рекордот од минатиот август. Поатје во централна Франција се загреа до 41,2 степени. Речиси половина од континенталните департмани се под највисоко ниво на предупредување. Поради здравствените ризици, властите го забранија консумирањето алкохол на улиците, во текот на традиционалната прослава „Фете де Ла Музик“. Во понеделникот, 845 училишта не работеа, додека многу други ги скратија часовите. Има проблеми и во сообраќајот. Француските железници откажаа десетици воза, бидејќи високите температури го зголемуваат ризикот од оштетување на пругите и на електричната мрежа. Властите предупредуваат дека овој топлотен бран може да биде исто толку опасен како оној во 2003 година, кога починаа речиси 15.000 луѓе во Франција поради екстремна топлина.
– Ова е исклучително силен и многу ран топлотен бран – рече францускиот министер за екологија, Матие Лефевр.
Се очекува и во Велика Британија неделава температурите да ги срушат јунските рекорди. Само пред неколку недели, таму беше надминат мајскиот температурен рекорд, а во Шпанија температурите скокнаа и за 10 степени над просечните за овој период. Италија, исто така, издаде црвено предупредување за топлотен бран за 12 града.
Априлскиот извештај на Светската метеоролошка организација покажа дека Европа се затоплува со повеќе од двојно поголема брзина од глобалната стапка. Топлотниот бран што зафаќа големи делови од континентот е познат како „омега-блок“, бидејќи има облик на грчката буква омега, со испакнатина од топол воздух во средината и со постуден воздух од двете страни.
– Од Северна Африка, имено Сахара, доаѓа топол воздух и се движи многу бавно. Затоа ја имаме оваа интензивна топлина – рече Клер Барнс, истражувач за екстремна клима на Империјал колеџ во Лондон.
Метеоролозите предупредуваат дека во наредните денови постепено ќе се зајакнува и ќе се шири топлотната купола, која ја опишуваат како еден од најинтензивните топлотни бранови во последните десетлетија, кон истокот на континентот. До крајот на неделата, нејзиното влијание би можело да се почувствува и на Балканскиот Полуостров, каде што се очекува значително зголемување на температурите.
Особено загрижувачки се таканаречените тропски ноќи, во кои температурата не паѓа под 24 степени. Експертите предупредуваат дека токму ваквите услови претставуваат голем здравствен ризик, особено за постарите лица, хронично болните, децата и за сите што го поминуваат поголемиот дел од денот на отворено.
Метеоролозите проценуваат дека сегашниот топлотен бран би можел да продолжи и на почетокот од јули, а со продолжувањето на сувата сезона, расте опасноста од пожари на отворено.












