среда, јуни 24, 2026
Дома СКОПСКА Градоначалничката Стаменкоска-Трајкоска ги пречека шампионите од ФК „Кул“

Градоначалничката Стаменкоска-Трајкоска ги пречека шампионите од ФК „Кул“

25

Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, вчера оствари средба со фудбалерите и со претставниците на фудбалскиот клуб „Кул“, по повод нивните одлични спортски резултати остварени во изминатата натпреварувачка сезона. Повод за средбата беше двојниот успех на клубот: шампионската титула во младинска категорија и пласманот на сениорската екипа во Третата фудбалска лига.

– Фудбалскиот клуб „Кул“ ја одбележа сезоната со исклучителен успех на својата генерација 2010. Тимот на помладите пионери го освои првото место во Втората младинска лига. На средбата беше истакнато дека овој резултат претставува директна потврда за квалитетот, дисциплината и за континуираната работа со младите категории што се негуваат во клубот – соопштија од Општина Кисела Вода.

Покрај успехот на младинците, ФК „Кул“ ја заокружи сезоната со уште еден значаен шампионски трофеј. Сениорскиот тим на клубот го освои првото место во својата лига, со што и официјално обезбеди пласман за натпреварување во Третата лига од следната сезона.

Упатувајќи искрени честитки до сите играчи и тренери за остварените успеси, градоначалничката Стаменкоска- Трајкоска потенцираше дека Општина Кисела Вода секогаш ќе биде искрен поддржувач на спортските таленти.

– Овој клуб е вистински пример за успешен развој на младите таленти, кои со своите игри го потврдуваат квалитетот на македонскиот младински фудбал. Верувам дека постигнатите резултати се само почеток на нови спортски предизвици и уште поголеми достигнувања во иднина. Општина Кисела Вода секогаш стои зад вистинските спортски вредности и тука сме за да ги мотивираме младите да се насочат кон спортот и континуирано да напредуваат – порача Стаменкоска- Трајкоска.

 

ИЗДВОЕНИ