среда, јуни 24, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА „Везилка“ – македонски влез кон европското АИ милје

„Везилка“ – македонски влез кон европското АИ милје

Отворена првата национална фабрика за вештачка интелигенција.

338

Македонските стартапи, мали и средни претпријатија, студентите и истражувачите наскоро ќе можат да развиваат сопствени решенија со вештачка интелигенција без да инвестираат во скапа инфраструктура. Тоа треба да го овозможи „Везилка“ – првата национална фабрика за вештачка интелигенција, која ќе ги поврзе домашните компании и академската заедница со европските суперкомпјутери и дигитални ресурси. Станува збор за центар кој ќе обезбедува пристап до моќни компјутерски капацитети, експертска поддршка, обуки и развој на пилот-проекти. Најголемите придобивки се очекува да ги почувствуваат стартапите и малите компании, за кои набавката на ваква технологија досега претставува голем трошок. На пример ако млад претприемач кој сака да развие апликација за автоматска обработка на документи, паметен систем за земјоделство или алатка за анализа на медицински податоци, наместо да инвестира илјадници евра во сервери и специјализирана опрема, ќе може да користи ресурси и експертска помош преку „Везилка“.

Проектот го координира Факултетот за компјутерски науки и инженерство (ФИНКИ) при УКИМ, во соработка со Министерството за дигитална трансформација. Преку стратешко партнерство со фабриката за вештачка интелигенција „Pharos“ во Грција, „Везилка“ ја вклучува државава во европскиот екосистем за вештачка интелигенција.

Според интернет страницата на „Везилка“,  студентите и истражувачите, можат да добијат пристап до обуки, практични проекти и европска инфраструктура. Една од целите е да се создаде нов кадар во областа на вештачката интелигенција и да се задржат младите таленти во земјата.

„Ова не е проект за компјутери. Ова е проект за луѓе. Ова е инвестиција во нашите студенти, истражувачи, инженери и претприемачи. Инвестиција во знаење, во конкурентна економија и во иднина во која македонските таленти ќе создаваат и успеваат дома. Особено сум горд што преку ‘Везилка‘ ќе работиме на развој на македонски јазични модели, затоа што во дигиталната ера и нашиот јазик, култура и идентитет мора да имаат свое место во технологиите на иднината. Денес поставуваме темели Македонија да биде држава што не само што ги користи новите технологии, туку активно учествува во нивното создавање“, рече министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на промоцијата на „Везилка“.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека проектот е вложување во иднинатата на потенцијалот на македонските научници и истражувачи, студенти и компании, со јасна определба државата да биде активен учесник во технолошките процеси што го обликуваат современиот свет.

„Развојот на вештачката интелигенција веќе создава нови економски модели, отвора нови индустрии, поставува нови стандарди за конкурентност. Во такви околности способноста на една држава да создава знаење, да ги поврзува науката и стопанството и да обезбеди услови за иновации станува еден од најважните предуслови за долгорочен развој. Токму затоа, воспоставувањето на Националниот центар за вештачка интелигенција претставува значаен чекор кој е далеку над рамките на еден поединечен проект – рече Мицкоски.

Проектот е насочен кон пет области во кои вештачката интелигенција може да донесе решенија – здравството, земјоделството, енергетиката, јавната администрација и јазикот и културата. Така, во земјоделството би можеле да се развиваат системи за предвидување на ризици и следење на посевите, во здравството алатки за анализа на податоци, а во областа на јазикот модели кои подобро ќе го разбираат и обработуваат македонскиот јазик.

Освен технолошката компонента, „Везилка“ има и економска димензија. Целта е домашните компании да станат поконкурентни, да се поттикнат иновациите и да се создадат нови производи и услуги. Со буџет од околу 6,2 милиони евра и поддршка од Европската Унија, проектот треба да ја поврзе Македонија со европската мрежа на центри за вештачка интелигенција и да им овозможи на локалните идеи да добијат пристап до технологија достапна за големите играчи на пазарот.

-Во време кога вештачката интелигенција ги преобликува економиите, јавните услуги и општествата ширум светот, застапеноста на помалите јазици и локалните знаења стана стратешки приоритет. „Везилка“ одговара на овој предизвик преку развој на збирки податоци на македонски јазик, отворени ресурси и одговорни практики за вештачка интелигенција кои поддржуваат иновации и ги одразуваат националните вредности. Оваа иницијатива претставува важен чекор кон зајакнување на дигиталниот суверенитет, забрзување на дигиталната трансформација, поттикнување на иновациите во јавната администрација, подобрување на одлучувањето засновано на податоци и создавање можности за истражување, претприемништво и технолошки развој. Исто така, има цел да ја зајакне соработката меѓу јавните институции, универзитетите, истражувачките центри, организациите на граѓанското општество и деловната заедница, велат од тимот на „Везилка“.

Евроамбасадорот Михалис Рокас истакна дека „Везилка“ е важен чекор во дигиталното „патување“ на државата. Европа инвестира билиони евра во инфраструктура, а целта е да се добие доверлива ВИ.

„Везилка ја претставува Македонија во овој ВИ еко систем. Имплементирана преку ФИНКИ, таа е инвестиција во иднината. Таа ќе служи како национален центар за АИ, во здравството ќе поддржи дијагностика и персонализирана медицинска грижа, во агрокултурата ќе ја подобри одржливоста. Во културата ќе помогне околу културното наследство. ВИ не е апстрактен концепт, туку може да донесе бенефити за населението. Везилка ќе биде дел од поширок еко систем кој поврзува локални иновации со европски можности“, рече Рокас на презентацијата на проектот. (П.А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ