Одбојкарките на Газели Волеј го освоија трофејот за најдобра младинска екипа во Македонија, откако во финалето го совладаа Фит Фан Волеј со 3-1 во сетови. Со овој триумф, генерацијата на Газели го продолжи континуитетот на успеси, откако во изминатите две години ги освои пионерското и кадетското првенство, а сега стигна и до младинската титула.
До шампионскиот пехар дојдоа убедливо, со само еден загубен сет – и тоа во финалето. Фит Фан Волеј го доби првиот сет и поведе со 1-0, но потоа следуваше пресврт. Газели заиграа посигурно и ги освоија следните три сета за конечна победа од 3-1.
- Самиот факт што до титулата дојдовме со само еден загубен сет доволно зборува за вложениот труд. Натпреварот го почнавме нервозно и се играше поен за поен, но во вториот сет заигравме многу подобро и израмнивме на 1-1. Потоа го задржавме ритамот и заслужено победивме, изјавија од редовите на шампионот.
View this post on Instagram
Во текот на мечот се повреди и средниот блокер на Фит Фан, Елена Трајковска, на која од редовите на Газели ѝ посакаа брзо закрепнување.
За Газели Волеј ова е прва младинска титула, со која уште еднаш потврдија дека станува збор за една од најперспективните екипи во македонската одбојка.











