Филипински сенатор избегал под сомнителни околности од силно чуваната зграда на Сенатот каде што бил држен во „заштитен притвор“ за да избегне апсење по наредба од Меѓународниот кривичен суд по обвинение за злосторства против човештвото.
Меѓународниот кривичен суд (МКС) во понеделник отвори налог за апсење на Дела Роса, поранешниот началник на филипинската полиција, кој по наредба на тогашниот претседател Родриго Дутерте, спроведе операции против дрога во кои беа убиени илјадници претежно ситни криминалци.
Синоќа, обезбедувањето на Сенатот испука неколку куршуми за време на расправија со владин агент кој наводно дошол да го уапси сенаторот Роналд дела Роса, што предизвика хаос и се чини дека му помогнало да избега.
Филипинскиот претседател Фердинанд Маркос помладиот ги повика граѓаните да останат смирени во телевизиска изјава.
Полицијата истражува дали инцидентот бил инсцениран за да му се даде шанса на Дела Роса да избега, но претседателот на Сенатот, Алан Кајетано, рече дека „немало опструкција на правдата“, иако рече дека не видел никаква потерница од Меѓународниот кривичен суд против Дела Роса и додаде дека сенаторот може слободно да ја напушти зградата.
Сепак, критичарите велат дека Кајетано и шефот на безбедноста на Сенатот треба да бидат одговорни за бегството на Роса.
Судот првично издаде потерница за Дела Роса (64) во ноември за злосторства против човештвото и убиство на 32 лица од јули 2016 година до крајот на април 2018 година, кога тој командуваше со полицијата.
Дела Роса и поранешниот претседател Дутерте негираа дека ги одобрил убиствата, иако Дутерте отворено им се закануваше на осомничените за дрога со смрт.
Поранешниот претседател Родриго Дутерте е обвинет од МКС за злосторства против човештвото за неговата наводна вмешаност во десетици убиства како дел од неговата таканаречена „војна против дрогата“ додека прво беше градоначалник на град, а подоцна претседател на Филипините.
Дутерте е во притвор на Меѓународниот кривичен суд и минатата година му беше одбиено условното пуштање од слобода од здравствени причини, пренесе „Бета“.












