За премиерот Христијан Мицкоски, проектот „Чебрен и Галиште“ има далеку пошироко значење од енергетски аспект и претставува стратешка инвестиција што може значително да ја зајакне позицијата на државата во услови на климатски промени, зголемени потреби за вода и зголемена побарувачка за електрична енергија. Тој смета дека реализацијата мора да се случи, но посочи на два концепти за кои се размислува.
– Она што претставува предизвик за Владата и се спремаме, тоа е проектот „Чебрен и Галиште“ и тука имаме два концепти што се спротивставени од правна гледна точка, инаку во суштина не се. Првиот е да направиме синдикат на заемодаватели, меѓународни финансиски институции што ќе обезбедат средства со доволен грејс-период додека трае градбата, а потоа, во одреден период да започне повратот преку АД ЕСМ. Вториот концепт е да одиме со јавно-приватно партнерство – изјави премиерот Христијан Мицкоски на собраниската седница посветена на пратенички прашања.
Според Мицкоски, изградбата на хидроенергетскиот комплекс ќе придонесе не само за зголемување на домашното производство на електрична енергија туку и за обезбедување дополнителни водни ресурси за наводнување, развој на туризмот и економска ревитализација на регионот Мариово. Тој посочи дека Владата е определена најнапред да ги исцрпи сите можности за реализација на проектот преку финансиска конструкција поддржана од меѓународни финансиски институции, оценувајќи дека тоа е најповолниот модел за државата.
– „Чебрен и Галиште“ треба да се гледа како стратешки проект за државата, а не само како енергетски проект. Освен што ќе биде двигател на економскиот раст, ќе придонесе и за бруто-домашниот производ, ќе го подобри и капацитетот на електроенергетскиот систем – нагласи премиерот.
Според првичните процени, вредноста на инвестицијата би се движела меѓу 1,3 и 1,5 милијарди евра, а Владата очекува проектот да има долгорочни економски, енергетски и развојни придобивки за државата.
Во своето обраќање, премиерот се осврна и на состојбите во енергетскиот сектор, нагласувајќи дека домашното производство на електрична енергија во април годинава покрило 88,8 проценти од вкупната потрошувачка во земјата. Тој потсети дека една од клучните цели на Владата е Македонија во текот на мандатот да стане нето-извозник на електрична енергија.
Мицкоски оцени дека состојбата во АД ЕСМ е значително подобрена во однос на претходниот период, посочувајќи дека акумулациите достигнале околу 80 проценти исполнетост, а финансиската состојба е стабилизирана.
Паралелно со тоа, Владата работи на реализацијата на повеќе инфраструктурни и енергетски проекти, меѓу кои гасниот интерконектор со Грција, интерконекторот со Србија, гасоводните делници кон Штип, Велес и Кичево, како и на поврзувањето со Косово и со Албанија.












