четврток, јуни 25, 2026
Дома РАЗНО Ќе имаме ли евтина струја повеќе часови во денот?!

Ќе имаме ли евтина струја повеќе часови во денот?!

0

Анализата што ја прави Регулаторната комисија за енергетика треба да покаже какви промени ќе треба да се направат во тарифниот систем за струја и во кои периоди од денот ќе има евтина тарифа, а во кои ќе треба да се укине, вели во интервју за МИА претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов.

– Идејата на Регулаторот е да направи ревизија на блок-тарифите што се воведени во текот на енергетската криза во 2022 година, бидејќи, во меѓувреме, многу се променети работите во енергетскиот систем и сектор. Затоа мислиме дека има простор да се направи ревизија, сè со цел некако да се внесат во мрежата, односно во конзумот, новите трендови на производство на електрична енергија од обновливи извори. Генералната идеја е граѓаните да плаќаат пониски сметки за потрошената електрична енергија – вели Ристов.

На маса, според него, засега се повеќе идеи што ќе овозможат погодности за граѓаните, но и да им се овозможи на производителите на струја од обновливи извори да добијат цена за својот производ во периодите од денот кога, поради високата понуда, таа изнесува нула денари.

Ристов вели дека анализата што се прави треба да покаже дали ќе се прошири евтината тарифа на струјата од 11:00 до 15:00 часот, дали ќе се укине во ноќните часови и дали ќе може да се воведе и во сабота.

– Првите анализи покажуваат дека во одредени периоди од денот може да им се понуди поевтина енергија на граѓаните или, пак, да се зголеми периодот на користење на таканаречената евтина тарифа. Факт е дека има еден убав период од 11:00 до 15:00 часот во кој берзанските цени се многу ниски затоа што имаме вишок на енергија. Во тој распон, можеби, ќе се движиме со зголемување на периодот на поевтина електрична енергија, а за разлика од тоа, можеби, ќе има намалување во ноќните часови. Математиката ќе ни покаже дали е изводливо тоа: може, не може и колку може – вели Ристов.

Крајната цел, додава тој, е со зголемувањето на потрошувачката, малку да се покачи цената на електричната енергија произведена од обновливи извори на берзата, во делот од денот кога берзанската цена е нула денари, што не е економски параметар.

– Ништо на светот не се произведува за нула денари, затоа што компаниите имаат свои трошоци и кредитни линии за инвестиции, па нулата не може да биде нула и не е нула. Пазарот е побарување и потрошувачка и доколку се зголеми побарувачката, малку ќе се зголеми и цената на берзата, што на луѓето што произведуваат, сепак, ќе им даде некаква безбедност и извесност во инвестирањето – вели Ристов.

Првиот регулатор вели дека доколку анализата покаже потреба од нов тарифен систем за струјата, тој ќе важи од 1 јануари следната година, но притоа наведува дека има можност новите тарифи да важат и само во одреден период од годината, на пример од мај до септември, кога има многу сонце, а се разгледуваат и други опции, меѓу кои и укинување на евтината тарифа во ноќниот период, бидејќи, вели, сега имаме апсурдна ситуација.

– Најскапата енергија на пазарот и највисоката берзанска цена се од 21:00 до 23:00 или 24:00 часот, токму во периодот кога имаме ние ноќна евтина тарифа, што е апсурд. Ние сега му велиме на ЕСМ, ти давај ја енергијата по 65 евра за мегават-час во овој ноќен период, без разлика што е 300 евра на берзата. И тоа е економски неисплатливо – вели Ристов.

 

ИЗДВОЕНИ