четврток, јуни 25, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Дури 80 % од пензионерите од вториот пензиски столб нема да земаат...

Дури 80 % од пензионерите од вториот пензиски столб нема да земаат ни минимална пензија, предупредува Славески

46

Гувернерот Трајко Славески смета дека работниците што ќе се пензионираат според вториот пензиски столб, нема да може да земаат ниту најниска пензија. Славески сподели на својот икс-профил интервју направено во 2024 година, во кое зборува на тема втор пензиски столб и одговара на прашањето: зошто ќе бидат разочарани тие што очекуваат пензија од вториот пензиски столб?

– Во 2030 година и во 2032 година, кога ќе почнат да се исплаќаат редовните пензии од вториот пензиски столб, ќе видиме дека од 70 % до 80 % од лицата нема да можат да примаат ниту минимална пензија. Така покажуваат актуарските податоци – вели Славески.

Тогаш, вели Славески, ќе треба да ги префрлиме овие пензионери во првиот столб за да земаат нормална пензија. Така, според него, било направено и во 2019 година, кога се пензионирале првите граѓани од вториот столб.

– Владата на СДСМ тогаш, нечујно, без да направи никакви промени во вториот пензиски столб, префрли 16.500 нови пензионери, главно, со бенефициран стаж, земјоделци и други, заедно со нивните средства издвоени во вториот столб, од овој столб во првиот пензиски столб – вели Славески.

Во интервјутo, тој наведува повеќе причини зошто ќе се случи тоа ако не бидат преземени некои реформски зафати во пензискиот систем.
Една од причините, според него, се и ниските приноси на приватните пензиски друштва од околу 3 % досега, кои нема да обезбедат достојни пензии за идните пензионери.

– Доколку идните пензионери би ги чувале овие пари во банките, би ги оплодиле повеќе отколку во овој пензиски столб – појаснува Славески.

За него, проблематични се и инвестициските портфолија на друштвата што, главно, ги инвестираат парите во државни обврзници, како нискоризични, но со мала добивка.

Проблем, според него, се и високите провизии што им се плаќаат на приватните друштва, а се црпат од идните пензионери.
Славески смета дека една од причините за дефицитот на државниот пензискиот фонд е токму одлуката една третина од парите на осигурениците, со формирањето на вториот столб, да се префрлат во приватните пензиски друштва од вториот столб.
Тој смета дека ова отворило транзициски дефицит во ПИОМ, кој ќе се провлекува и чувствува речиси половина век. Ова, вели тој, ќе биде проблем ако не се реши во следниот период.

ИЗДВОЕНИ