Бразилската репрезентација се соочува со сериозен проблем на Светското првенство, бидејќи Неимар најверојатно нема да настапи во ниту еден натпревар од групната фаза. Ѕвездата на „Селесао“ го следеше ремито 1:1 против Мароко од трибините во Њу Џерси, а неговото отсуство предизвика голема загриженост кај навивачите.
Селекторот Карло Анчелоти потврди дека напаѓачот не е подготвен за игра.
- Неимар е повреден и физички не е способен да одигра ниту минута во моментов, изјави италијанскиот стратег.
Дополнителен револт предизвикува фактот што Бразилската фудбалска конфедерација не објавува конкретни информации за природата и сериозноста на повредата. Во јавноста се пласираат само кратки соопштенија, додека Анчелоти избегнува подетални објаснувања.
Следниот натпревар Бразил го игра против Хаити, а дури потоа би можело да биде појасно дали Неимар ќе биде подготвен за нокаут-фазата од турнирот. Навивачите, сепак, стравуваат дека ситуацијата е многу посериозна отколку што официјално се прикажува.











