„Архивски документи“ е изложбата на професорката и ликовна уметница Жанета Вангели што ќе биде отворена на 24 март во 19:00 часот, во македонскиот Културно- информативен центар во Загреб. На отворањето ќе се обратат директорката на Културниот центар – Мими Ѓорѓоска-Илиевска, директорот на Националната галерија – Али Синани и кураторката на изложбата, Маја Крстевска. Официјалниот протокол ќе го надополни присуството на македонскиот амбасадор во Република Хрватска, Драган Ѓурчевски.
Изложбата „Архивски документи“ е прво претставување на Вангели пред хрватската публика и содржи 41 дело во техниката принт на плексиглас и аудиоматеријали.
– Жанета Вангели, професорка и големо име на светската ликовна сцена, нè воведува во дел од архивските документи преку визуелната уметност, преточена во дигитална слика, фотографија, текст и звучна уметност. Оваа нејзина изложба е, всушност, една сублимација на главните интересни зони што се во нејзиниот фокус, кон една метафизичка манифестација во време-просторот што го сведочи таа. Низ четиридецениското творештво, преку архивските документи, Вангели, несомнено, евидентира различни претстави на духовната слобода и привлекува внимание кон доживувањето на времето, поканувајќи ја публиката да го почувствува сегашниот миг преку проекција на доживеаното. Оваа непоколебливост низ ликовниот говор ја претпоставува позитивната мера на препознавањето на посветеноста. Соодветното разбирање на моментот, на изложбата се толкува како виртуелно читање на прикажаната сцена, предмет, лик… уредена и приспособена со значително мотивирана желба, изразено вистинско присуство во композицискиот систем – посочува кураторката и виш кустос Маја Крстевска кон изложбата.
Изложбата ќе биде поставена до 10 април. Овој проект, прв за 2026 година на Националната галерија, ќе биде реализиран со поддршка на Министерството за култура и туризам.
Со оваа изложба, Националната галерија продолжува со промоцијата на македонската култура и на современата уметност во Република Хрватска и оваа година, по минатогодишното претставување на група современи македонски уметници во КИЦ во Загреб.












