Ја загубија најважната личност, а потоа донесоа херојска одлука што инспирира илјадници луѓе. Вака накратко се објаснува одлуката на Суад Мисини и на неговиот син Исак, по смртта на сопругата и мајка Азбија Мемедова, да ја претворат куќата во која живеат во, како што велат, пристаниште за децата без родители, социјално загрозените семејства, жртвите на семејно насилство и самохраните родители, односно за сите ранливи категории на кои им била посветена Азбија целиот свој живот. Суад се радува доколку послужи со својот син Исак како инспирација за другите, но е скромен и нагласува дека не сакаат тоа да биде проследено со некаква помпа што би траела два дена. Смета дека повеќе вакви иницијативи ќе придонесат за поправедно и посолидарно општество, во кое и ранливите категории ќе може да го достигнат својот максимален потенцијал

 

Познатиот активист за човекови права, Суад Мисини, и неговиот син Исак, по смртта на сопругата и мајка Азбија Мемедова, решиле да ја претворат куќата во која живееле во, како што велат, пристаниште за децата без родители, социјално загрозените семејства, жртвите на семејно насилство и самохраните родители.

Поточно, тоа ќе биде пристаниште за ранливите категории на кои, како што вели Мисини, неговата сопруга Азбија им го посветила целиот свој живот. 

За оваа своја иницијатива тој извести на социјалните мрежи, нагласувајќи дека во тоа пристаниште овие категории ќе најдат поддршка, активен одмор, еколошки хаб, дека ќе се спроведуваат најразлични обуки таму и ќе им биде отскочна штица во понатамошниот живот.

На неговото барање за донација на проект за пренамена на куќата за да може да започне реализацијата на оваа иницијатива, како што пишува, веќе се јавиле десетина докажани професионалци архитекти и други, кои несебично изразиле подготвеност да помогнат во реализирањето на планот, кое, како што нагласи, наскоро ќе започне.

– Како и за сите други зафати од овој вид во животот, се раководиме по принципот дека никој од нас не треба да биде повисоко од самото дело. Сметам дека во животот постојат периоди на создавање и периоди на споделување со пошироката заедница. Сметам дека тоа е обврска на секој граѓанин, дека во одреден период во животот нормално е секој да го прави тоа – вели Мисини.

Додава дека се јавиле и други луѓе што сакаат, на ист или на сличен начин, да посветат свои имоти.

Тој се радува ако бидат тој и неговиот син инспирација за другите, но е скромен и нагласува дека не сакаат да биде проследено тоа со некаква помпа што би траела два дена.

– Посакуваме ова општество да стане посвесно, поемпатично и особено посолидарно. И сакаме да дадеме пример во името на една жена што се залагаше целиот живот, тивко и ненаметливо, но фундаментално и продорно, и што живееше според тие принципи – наведе Мисини, потенцирајќи дека не сакаат оваа, според него, благородна мисија да добие призвук на самопромоција.

Смета дека повеќе вакви иницијативи ќе придонесат за поправедно и посолидарно општество во кое и ранливите категории ќе може да го достигнат својот максимален потенцијал.

– И…  не е тешко. Ништо не ни припаѓа нам, само ни е привремено дадено на управување. Наша обврска е да го направиме учинокот на сето она што го создаваме максимален – заклучи Мисини.

(А. П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ