Меѓу најстари настани и личности што ќе се одбележуваат годинава се 250 години од раѓањето на Сирма Војвода, 180 години од смртта на Теодосиј Гологанов, 150 години од Разловечкото востание и 120 години од смртта на Даме Груев. Инаку, дури 95 историски настани или личности годинава ќе добијат шанса за државно одбележување на нивните јубилеи. Чествувањето на македонскиот јазик ќе биде направено со одбележување на 100 години од смртта на Крсте Петков Мисирков кое треба да го направи МАНУ заедно со Институтите за македонски јазик и за национална историја.
Од културата, пак, ќе се одбележува 60 годишен јубилеј од првиот „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, потоа 40 години од смртта на Ристо Шишков, но и 20 години од смртта на Петре М. Андреевски.
Доајените на македонската народна музика Никола Бадев и Васка Илиева исто ќе добијат државно одбележување од „Танец“ на годишнините од нивната смрт. Од естрадата, општина Струмица ќе одбележува 5 години од смртта на Гоце Арнаудов, Крушево – 15 години од отворањето на Спомен куќата на Тоше Проески, а град Скопје 50 години од основањето на рок-џез групата „Леб и сол“ и 10 години од смртта на Есма Реџепова…
Оваа годишна програма е втора по обем, по ланската програма која содржеше над 100 јубилеи со цел да се надоместат некои јубилеи што изминатите години не добија државно одбележување.












