Уште со првиот гитарски риф на „Архангел“ се знаеше дека концертот „Срцевина“, одржан синоќа на стадионот на АРМ во Скопје, ќе биде уште едно големо патување низ времето. На стадионот се собра генерацијата што израсна со неговите песни, но и помлади обожаватели. Тоа е публика што до збор ги знае стиховите од песните на „Архангел“ проткаени со длабока филозофија, тешки животни искуства и сурова искреност. Концертот, кој траеше точно два часа, беше динамична прошетка низ антологиските хитови од четирите култни албуми на бендот

Чиста рок-енергија и колективно навраќање кон златните страници на македонската музичка историја со бројните хитови донесе концертот на еден од најдобрите македонски бендови – „Архангел“ одржан синоќа, на стадионот на АРМ во Скопје.

Култната група со концертот „Срцевина“ ги спои минатото и сегашноста во едно прекрасно аудиовизуелно доживување. Сцената, опремена со импресивно осветлување, наликуваше на настап на светски бенд, создавајќи атмосфера што веднаш ја згреа студената јунска ноќ.

Вечерта ја отвори Васил Хаџиманов со својот бенд. Нивните високи музички способности и виртуозност само се потврдија пред многубројната публика, која со задоволство заплови во едни поинакви, џез-фузиски музички води, и го подготви теренот за она што следуваше. Посебен момент вечерта беше кога повторно се појави Васил Хаџиманов на сцената, по завршувањето на предгрупата, сам зад пијаното, придружувајќи го Ристо Вртев во изведбата на култната „Милион долари“.

Уште со првиот гитарски риф на „Архангел“ се знаеше дека овој концерт ќе биде уште едно големо патување низ времето. На стадионот се собра генерацијата што израсна со неговите песни, но и помлади обожаватели. Тоа е публика што до збор ги знае стиховите од песните на „Архангел“ проткаени со длабока филозофија, тешки животни искуства и сурова искреност. Концертот, кој траеше точно два часа, беше динамична прошетка низ антологиските хитови од четирите култни албуми на бендот.

Сите концерти на „Архангел“ ги одликува таа специфична емотивност што извира од поезијата на Вртев, но и силните гитарски рифови и моќниот рок-звук, кој ве тресе и ве „дрма“ во текот на целиот настап. Публиката ги пееше повеќето од песните заедно со Вртев. На моменти тој целосно ги оставаше сами да ја водат песната, претворајќи ги обожавателите во директни учесници во креирањето на магијата.

Меѓусебната синергија се прелеа низ безвремените „Архангел“, „Војна“, „Ладно оружје“,  „Превез“, „Сениште“, „Драги мој“, „Нож“, „Љубов или омраза“, „Нова вера, нова библија“, „Заумна сила“, „Рубин кармин“, „Вина невина“ и многу, многу други.

Покрај Вртев како вокал, на концертот настапија Александар Ванчовски на тапани, Дејан Митровиќ на бас, Иван Петровски на гитара и Филип Димишковски на клавијатури.

Како и на секој нивни концерт, енергијата на стадионот буквално експлодираше кога ги отсвирија „Uber Makedonishe“ и „Чудесен свет“. Но, публиката едноставно не го оставаше Вртев да си замине. Силните овации го вратија бендот на бис за одличната „Небесна машина“. Дури и кога бендот, конечно, се повлече, Ристо Вртев остана на сцената во директна, интимна комуникација со своите верни обожаватели. Во тие моменти, без музичка придружба, само тој и многуте гласови во публиката се дополнуваа едни со други во соло изведбата на песните што присутните самите ги бараа, а тоа беа ненадминатите „Heart Core“ и Милион долари“.

И во оваа 2026 година „Архангел“ докажа дека неговата музика не старее. Како дополнителен подарок за обожавателите, Вртев најави дека до крајот на годината, конечно, ќе биде снимен и новиот албум, со што патувањето на овој македонски рок-феномен, веројатно, ќе продолжи и во иднина. (Н. И. Т.)

ИЗДВОЕНИ