Најавите за изградба на дата-центри во Македонија отворија дебата дали станува збор за развојна можност или за ризик за ресурсите, особено поради нивната потрошувачка на електрична енергија и на вода. Премиерот Христијан Мицкоски смета дека ваквите инвестиции претставуваат шанса за економски раст, нови работни места и за технолошки напредок.
– Не можеме да се помириме со фактот дека таа мала група луѓе, која создава хистерија, ќе се обиде повторно да го попречи развојот на државата – изјави Мицкоски.
Тој посочи дека најразвиените земји интензивно инвестираат во вештачката интелигенција и во дата-центрите и дека Македонија не смее да остане надвор од тие процеси.
– Се обидуваме да ја развиваме државата, да создаваме нова вредност и нема да се повлечеме пред малкутемина што создаваат хистерија и мислат дека на тој начин ќе манипулираат со народот – рече премиерот.
Мицкоски нагласи дека Владата ќе поддржи вакви проекти само доколку ги исполнуваат сите законски и технички услови.
– Ќе застанам зад секој проект, и за сто и повеќе мегавати, во моментот кога ќе бидат исполнети условите согласно со закон и техничките критериуми – додаде тој.
Во однос на забелешките за недоволна транспарентност, премиерот рече дека ќе бидат соопштени повеќе детали кога ќе влезат разговорите со инвеститорите во поконкретна фаза.
– Кога ќе имаме поконкретни информации, ќе излеземе во јавноста и ќе кажеме со која компанија разговараме, колкав е капацитетот, колку работни места ќе се отворат и колкав ќе биде обемот на инвестицијата – изјави Мицкоски.
Тој порача дека Владата гледа на дата-центрите како на дел од идниот технолошки развој на државата и можност Македонија да се вклучи во глобалните трендови во областа на вештачката интелигенција и дигиталната инфраструктура.












