Изградбата на вториот дел од автопатот Скопје – Блаце, во должина од 10,5 километри, ќе стартува ова лето, откако е избран конзорциум предводен од домашната градежна компанија „Гранит“ за изведувач. Според вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, проценетиот рок за реализација е 3,5 години, а трасата опфаќа пет тунели, две галерии, 12 моста и вкупно околу 40 објекти, вклучително и помали инфраструктурни зафати.
– Почнуваме изградба на нов автопат. Во текот на ова лето започнува да се гради автопатот Скопје – Блаце. Избран е конзорциум предводен од компанијата „Гранит“. По подолг временски период, една домашна македонска компанија ќе гради голем инфраструктурен проект. Планираме изведувачот да го заврши овој проект во рок од 3,5 години. Овој коридор е исклучително значаен зашто ја поврзува Македонија со Косово и со Црна Гора, а со тоа се отвора уште едно пристаниште за македонскиот бизнис – пристаништето во Бар – изјави Николоски, нагласувајќи ја комплексноста на зафатот.
Од Министерството за транспорт брифираат дека по изборот на изведувач, надлежните најавуваат потпишување договор, активирање гаранции и мобилизација на механизацијата на терен. Вкупната должина на коридорот е 12,5 километри, од кои 2,5 километри се во тековна изведба на првата фаза, а преостанатите 10,5 километри сега влегуваат во втората, главна фаза на изградба.
Политички одгласи и препукувања околу заслугите
Поранешниот шеф на дипломатијата, Бујар Османи од партијата ДУИ, ја поздрави динамиката, но посочи дека проектот останал на ниво на автопат токму поради рано започнатата прва делница.
– Ова е почеток на работите на автопатот Скопје – Блаце. Добра вест е дека проектот оди напред. Ама за да разбереме зошто се гради денес автопат, а не обичен пат, треба да се вратиме неколку години назад – напиша Османи на фејсбук- статус.
Според него, и покрај првичната студија за физибилност, која „заклучи дека изградбата на автопатот не е економски разумна“, политичката одлука била да се гради автопат.
– Блаце е главната порта кон Косово и најважен поврзувачки коридор за регионот – напиша Османи и додаде дека бил „обезбеден грант од 20 милиони евра од Европската Унија“, изработена техничка документација и започната експропријација, а стратешката одлука била „намерно да ги изградиме првите 2 километри“ за да стане проектот „неповратен“.
На ваквиот наратив му реплицираше Муамет Алију, потсетувајќи го на старите партиски ветувања и долгиот рок на реализација.
– Во изборната платформа во 2014 година, ДУИ ветуваше реализација на овој проект со краен рок 2018 година. Да не заборавиме дека ова првично беше проект ветен во програмата на ВМРО во 2006 година (100 чекори). Значи, не е ни на ДУИ – напиша Алију.
Тој оцени дека „обидот да се присвојат заслуги за проекти што се планирани, ветени и финансирани со години од различни институции и различни влади, не стои“.
– Замислете, 12 километри пат во Македонија се ветуваат во 2006 година и, веројатно, ќе се завршат во 2030 година. Ова е повеќе од катастрофално – констатира Алију.
Критичен осврт има и Арменд Нухиу, кој го обвини Османи за, како што рече, промашена динамика во минатото.
– Не, докторе. Вие започнавте со политички маркетинг и имавте цели четири години да ја направите таа автопатска делница од 12 километри. Не ја направивте. Не ја направивте ниту Кичево – Охрид за осум години. Еееј, осум години за 55 километри не бевте способни да ја направите. Во оваа држава, инфраструктура прави само ВМРО-ДПМНЕ – порача Нухиу.
(С. Бл.)












