Општина Илинден продолжува со активностите за уредување и модернизација на јавните простори, со цел да обезбеди поквалитетни услови за живот на жителите во сите населени места. Во рамките на овие активности, извршена е обнова и замена на дел од реквизитите на детските игралишта во Општината, како и поставување на нова урбана опрема.
Во населеното место Кадино, на игралиштето кај Домот на културата, се поставени нови детски содржини, меѓу кои лулашка, лизгалка и две фигури во облик на коњче. Дополнително, на игралиштето лоцирано меѓу улиците „525“ и „500“ се поставени нова лизгалка, лулашка и клацкалка, како и две клупи и канти за отпадоци.
На детското игралиште покрај пешачката патека Марино – Кадино е извршено бетонирање на просторот, поставени се нова лулашка, клацкалка и две фигури во форма на коњче. Во населеното место Илинден, на игралиштето на улицата „30“, дополнително се поставени нова лизгалка и нова клацкалка. Исто така, во рамките на тековните активности е поставена и нова автобуска постојка во населеното место Кадино, кај „Пекабеско“.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, апелираше до граѓаните да покажат поголема грижа и одговорност кон јавната инфраструктура и урбаната опрема, при што истакна дека Општината континуирано инвестира во изградбата и одржувањето на детските игралишта, парковите и другите јавни содржини, кои се на располагање за сите граѓани, а нивното чување е заедничка обврска и предуслов за создавање уредена, модерна и функционална локална заедница.
Општина Илинден ги повикува жителите навремено да пријавуваат евентуални оштетувања или несовесно користење на јавните добра за тие да останат безбедни, уредни и достапни за сите.
– Грижата за заедничките простори придонесува за поквалитетна животна средина и за подобри услови за живот за сите граѓани – сметаат од Општина Илинден.












