Македонскиот рапер и миленик на тинејџерите, Христијан Настески, попознат како Пајак, го објави својот прв студиски албум – „2000 и некоја“. Проект што долго се најавуваше и нестрпливо се очекуваше, секако најмногу од неговата тинејџерска публика. Зад албумот стои „Урбан рекордс“, предводен од Иван Јованов-Ивајо и Гордан Божиновски, чии улоги се клучни во обликувањето на целиот проект. Токму оваа соработка му дава на „2000 и некоја“ продукциска цврстина, но и простор Пајак да остане свој на своето.
Во креативниот процес се вклучени и Лазар Цветковски, Луна, Таско, Тајзи и Елвир Мекиќ, како дел од поширокиот авторско-продукциски тим. Албумот носи природна динамика, од енергични, модерни песни до поинтимни и повлечени моменти. Тоа се „Токсична“, „Допамин“, „Тајни“, „Ризик“, „Тотално луда“ и „Биди ми добра“, кои ја покажуваат таа ширина без да звучат како одделни приказни, туку како целина. Дуетите се еден од живите сегменти на албумот.
Соработката со Тајзи, Тони Зен, Лара, како и „Делириум“ со Јован Јованов и Елвир Мекиќ, носат различна енергија, но без да го оттргнат од неговиот стил. Визуелниот идентитет на албумот и придружните приказни се реализирани со особено внимание, зад кои стојат Верица Божиновска и Steady Flow, додавајќи му уште еден спој на препознатливост и естетика на целиот проект.
– Овој албум, за мене, има тежина што не можам лесно да ја објаснам. Не е само музика туку и период од мојот живот во кој се случуваа многу работи, и убави и тешки. Сè што поминав, на некој начин завршуваше во студио, низ песните. Затоа ова ми е прв проект каде што чувствувам дека сум целосно искрен. Промоцијата ја доживувам многу емотивно, како нешто што долго сум го носел во себе – вели Пајак. Инаку, „Lollipop Entertainment Group“ ги осмислува настапите на Пајак, градејќи ја врската со публиката и надвор од дигиталниот простор, таму каде што песните добиваат поинаква тежина во живо. (Фото: архива)












