Новата градинка располага со две занимални и со почетен капацитет за 40 деца на возраст од две до шест години, со можност за проширување. Објектот е целосно опремен со нов мебел, дидактички материјали и со кујнска опрема. Градоначалничката Стаменкоска-Трајкоска и министерот Велковски најавија продолжување на инвестициите во капацитетите на градинките, меѓу кои и новата градинка во Расадник за повеќе од 100 деца

Во населбата Потстаница во Општина Кисела Вода, вчера свечено беше отворена првата детска градинка „Ѕвездички“, со што најмладите жители на ова населено место првпат добиваат можност за згрижување и за предучилишно образование во својата непосредна околина. На отворањето присуствуваа градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, и министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски.

Новиот објект располага со две занимални, наменети за деца на возраст од две до шест години, со почетен капацитет за околу 40 дечиња и со можност за негово дополнително проширување. Градинката е опремена со нов мебел, дидактички материјали, постелнина и со комплетна кујнска опрема, обезбедени преку грант од Светската банка, во соработка со надлежното министерство. Во тек е и партерното уредување на дворот.

– Станува збор за објект во кој имаме две занимални, со вкупен капацитет за, засега, четириесетина дечиња, со можност дополнително да биде зголемен овој број. Просториите се навистина убаво организирани и заедно правиме континуирани напори да им овозможиме убави услови на најмладите – изјави градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска.

Министерот Велковски посочи дека со реконструкцијата на објектот, кој претходно бил во руинирана состојба, е создаден современ и функционален простор за најмладите.

– Нашата цел е јасна: повеќе места во градинките, подобри услови за најмладите и поголема поддршка за родителите и за семејствата – истакна Велковски, најавувајќи го и отворањето на новата градинка во населбата Расадник, со капацитет за повеќе од 100 деца.

Отворањето на „Ѕвездички“ е дел од пошироките активности на Општина Кисела Вода за проширување на капацитетите за згрижување деца, а целта е постепено затворање на листите на чекање за упис во градинките.

ИЗДВОЕНИ