Со фолклорна вечер во Драмски театар – Скопје, Општина Карпош ја одбележа 50-годишнината од своето формирање. Настанот беше исполнет со македонски народни песни, ора, музика и традиција, а пред многубројната публика настапија шест фолклорни и културно-уметнички друштва од Општината. Своите музички и сценски изведби ги претставија МКУД „Цветан Димов“, ансамблот „Традиција“, ансамблот „Звуците на Каршиака“, фолклорното аматерско здружение „Ансамбл Етнос“, АКУД „Мирче Ацев“ и хорот на ова културно-уметничко друштво.

Преку настапите, учесниците го претставија богатството на македонското фолклорно наследство, обединувајќи различни генерации преку песна и игра, но и преку културните традиции што се негуваат во Карпош. На свеченоста присуствуваа градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, членови на општинскиот Совет, претставници на локалната самоуправа и бројни граѓани.

Од Општина Карпош посочуваат дека поддршката на културно-уметничките друштва и организацијата на вакви настани се дел од континуираните активности за унапредување на културниот живот. Фолклорната вечер беше посветена на зачувувањето и промоцијата на традицијата и културното наследство, како важен дел од идентитетот на заедницата.

ИЗДВОЕНИ