Општина Ѓорче Петров бележи историски највисока реализација на капиталните расходи во последните 15 години. Заклучно со октомври 2026 година, за капитални инвестиции се реализирани 193.178.784 денари, односно околу 3,14 милиони евра, со што е надминат вкупниот износ остварен во која било од претходните години во периодот од 2012 до 2026 година.
Остварениот резултат за само десет месеци покажува значителен раст на општинските инвестиции, особено во споредба со претходните две години. Во 2025 година, капиталните расходи изнесувале 172.925.236 денари или приближно 2,81 милион евра. Тоа значи дека годинашната реализација веќе е поголема за 20.253.548 денари, односно околу 329.000 евра, што претставува раст од 11,7 проценти.

Уште позначителна е разликата во однос на 2024 година, кога за капитални расходи биле реализирани 79.419.215 денари или околу 1,29 милиони евра. Споредено со таа година, годинашниот износ е зголемен за 143,2 проценти, односно е повеќе од двојно поголем.
Од Општината посочуваат дека станува збор за резултат што ги потврдува динамиката на реализација на планираните капитални инвестиции и насочувањето на јавните средства кон проекти од интерес на локалното население.
Градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, истакнува дека приоритет на локалната самоуправа е да се преточат буџетските средства во конкретни проекти што ќе донесат подобри услови за живот на жителите.
– Наша одговорност е да ги претвораме средствата на граѓаните во проекти што го подобруваат нивното секојдневие. Реализацијата од над 193 милиони денари уште во октомври покажува дека поставуваме повисоки цели и работиме на нивното исполнување. Благодарност до општинската администрација и до сите што придонесуваат за овој резултат. Продолжуваме со истата посветеност, затоа што граѓаните очекуваат завршени проекти и видливи резултати – изјави Стојкоски.
Од локалната самоуправа најавуваат дека ќе продолжат инвестициите и во последните месеци од годината, со акцент на подобрувањето на инфраструктурата, реализацијата на капиталните проекти и на исполнувањето на потребите на жителите.












