Во рамките на традиционалната манифестација „Денови на Општина Ѓорче Петров 2026“, продолжува богатата културно-забавна програма под наслов „Звуците на културата во Ѓорче 2026“, наменета за сите генерации.
По успешниот почеток на септемвриската програма со мјузикл, хип-хоп фестивал, театарска претстава, кино-проекции и содржини за најмладите, Општина Ѓорче Петров продолжува со нови настани кои ќе донесат музика, улична уметност, балет, хорско пеење, базар, детски работилници и дружење на повеќе локации во општината.
Утре, со почеток во 18:00 часот, кај амфитеатарот во Реонскиот парк, ќе се одржи „Music Talent Show“, со настап на млади таленти, музика и театарска претстава на Алтернативен театар „Отпишани“.
Централната програма продолжува на 18 и 19 септември.
В петок, 18 септември, на Корзото и кај амфитеатарот, програмата започнува во 18:00 часот со „Баскерфест“, по што во 18:30 часот ќе настапи Балетското студио „Ребис“, а во 19:00 часот хорот „Фрида“.
Во рамките на „На Базар“, посетителите ќе имаат можност да разгледаат штандови со ракотворби и различни производи, додека за најмладите ќе бидат организирани детски работилници и креативни содржини.
Истата вечер, во Реонскиот парк, ќе се одржи музичката програма во рамките на „Октоберфест“. Во 20:00 часот ќе настапат „Суперхикс“, во 21:30 часот „Пауза за ракија“, а вечерта ќе продолжи со настап на DJ Галоски од 23:00 часот.
В сабота, програмата продолжува во Реонскиот парк. Во 19:00 часот ќе настапат The Crew, во 21:00 часот следува концертот на „Ареа“, во 22:30 часот ќе настапат „Куку Леле“, а програмата ќе ја затворат трубачите „Левис“ со почеток во 23:30 часот.
-Деновите на Општина Ѓорче Петров се можност уште еднаш да покажеме дека нашата општина е заедница која живее, создава и се развива заедно. Сакам нашите паркови, улици и јавни простори да бидат места каде што граѓаните ќе се среќаваат, ќе се дружат и ќе создаваат убави спомени – истакна градоначалникот, Александар Стојкоски по повод завршните денови на манифестацијата „Звуците на културата во Ѓорче 2026“.
Тој ги покани сите жители да бидат дел од програмата.
-Преку различните содржини, Општина Ѓорче Петров има цел да создаде простор за дружење, културна размена и заедничко доживување на јавниот простор, каде што семејствата, младите, децата и повозрасните ќе можат да бидат дел од една заедничка атмосфера – потенцираат од локалната самоуправа.












