Додека се чека одлуката на Врховниот суд да пристигне во затворот и Стевчо Јакимовски да излезе на слобода, поранешниот градоначалник на Карпош доби нова кривична пријава. МВР го товари за „несовесно работење во службата“, во предмет поврзан со издавање одобренија за градење во Општина Карпош.
Пријавата е поднесена до Основното јавно обвинителство Скопје од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за економски криминал и корупција, во координација со СВР Скопје. Освен Јакимовски, пријавени се и раководителката и вработена во Секторот за урбанизам во Општина Карпош. Првопријавената се товари за четири кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“, второпријавената за две исти дела, а Јакимовски за „несовесно работење во службата“.
Според полициската пријава, случајот се однесува на повеќе одобренија за градење издадени во 2025 година. За едно од нив, МВР наведува дека било издадено на 23 јули 2025 година, иако надлежните во Секторот за урбанизам знаеле дека изводот од планот за ДУП претходно бил укинат со одлука на Уставниот суд од 2018 година.
Полицијата наведува дека Јакимовски, како тогашен градоначалник, претходно дал насоки да не се издаваат изводи од планови, одобренија за градење и други акти за детални урбанистички планови што биле укинати од Уставниот суд. Дополнително, според пријавата, барањето на инвеститорите двапати било одбивано токму поради укинатиот ДУП и други причини. И покрај тоа, МВР тврди дека Јакимовски потпишал договори со инвеститорите за регулирање на надоместокот за уредување на градежното земјиште, без да изврши увид дека договорите се однесуваат на локација за која бил укинат ДУП. Потоа, според полицијата, на инвеститорите им било издадено одобрение за градење, со што им било овозможено противправно да се стекнат со право на изградба на објект вреден 10.427.518 денари
Во друг случај, според МВР, на 29 октомври 2025 година било издадено одобрение за градење, иако основниот проект доставен од инвеститорите бил изработен спротивно на важечкиот урбанистички план. Наместо предметот да биде вратен на доработка, било издадено одобрение, со што, според пријавата, инвеститорите се стекнале со право на изградба на објект вреден 13.021.914 денари.
Кривичната пријава опфаќа и два случаи поврзани со издавање решенија за градба на натстрешници. Во првиот случај, на 25 март 2025 година, според МВР, било издадено решение иако станувало збор за засебен објект поставен во простор со намена Д1 – парковско и пејзажно зеленило, односно во јавен простор и булеварски профил. Полицијата наведува дека објектот не бил предвиден со важечкиот урбанистички план, не била доставена целосната документација, ниту била пресметана и наплатена соодветниот надомест за уредување на градежното земјиште. За истиот објект, како што наведува МВР, претходно била водена управна постапка и во 2024 година било донесено решение за негово отстранување. И покрај тоа, на 30 јули 2025 година повторно било издадено решение за градба на натстрешница.
Минатата недела, Врховниот суд ја укина одлуката на Апелациониот суд Скопје по вонреден правен лек и предметот го врати на повторно судење. Со тоа, се запира извршувањето на затворската казна на Јакимовски, која по правосилноста беше пресметана на околу половина година. (П. А.)
КРИВИЧНА И ЗА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА СТРУГА
Полицијата поднесе кривична пријава и против градоначалникот на Струга, Менди Ќира, поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување. Според МВР, градоначалникот, спротивно на Законот за основно образование, донел одлука со која незаконски разрешил директор на основно општинско училиште, по што назначил друго лице за в. д. директор. Полицијата наведува дека новоназначеното лице не ги исполнувало целосно условите пропишани со член 118 од Законот за основно образование. Неправилностите, како што информира МВР, биле утврдени и при инспекциски надзор на Државниот просветен инспекторат. За случајот е поднесена кривична пријава за делото злоупотреба на службената положба и овластување по член 353 од Кривичниот законик.












