вторник, септември 15, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ДЕН НА ДЕМОКРАТИЈА: Оној што размислува различно не е непријател на оној...

ДЕН НА ДЕМОКРАТИЈА: Оној што размислува различно не е непријател на оној што размислува поинаку

1

Оној што размислува различно не е непријател на оној што размислува поинаку, порача вчера потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски. Тој се обрати на денешното одбележувањето на Меѓународниот ден на демократијата во македонското Собрание. Пред ученици од основните училишта, претставници на законодавниот дом и Амбасадата на Швајцарија во Македонија говореа за значењето на демократските вредности, улогата на парламентот и важноста младите навреме да се вклучат во општествениот живот.

Милошоски им објасни на учениците дека Парламентот носи закони кои го уредуваат секојдневниот живот на граѓаните.

– Демократија е кога вие во вашиот клас заеднички ќе одлучите каде сакате да одите на излет. Некој можеби ќе предложи да одите на Матка, друг ќе каже во Охрид, трет во Катланово, а класниот раководител или наставничката можеби ќе го предложат Водно. Но, сите вие треба да гласате и заеднички да одлучите каде ќе одите на излет – рече Милошоски.

Тој додаде дека почитувањето на одлуката на мнозинството претставува суштина на демократската култура.

– Оној што размислува различно не е непријател на оној што размислува поинаку. Демократијата е степен на општествен развој во кој одлуката на мнозинството се почитува и од оние што не успеале да ја наметнат својата позиција. Тоа не е слабост, туку израз на политичка култура – истакна Милошоски.

Меѓународниот ден на демократијата, 15 септември, е прогласен од Генералното собрание на Обединетите нации во 2007 година со цел да се промовираат и да се зајакнат демократските принципи. По тој повод, генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, ја нагласи „важноста од поврзување на луѓето од различни делови на општеството за да се збогати процесот на носење одлуки, да се изгради доверба и да се создадат помирни, инклузивни и отпорни општества“.

ИЗДВОЕНИ