Преку половина милион возила уште работат на скап бензин и на дизел, а електричните автомобили, иако  нивниот број е симболичен (само две илјади), нема каде нормално да се наполнат. Од ДОМ бараат итна измена на правилата за големите бизнисмени да не влечат само профит од природните ресурси без да дадат ништо за сиромаштијата. Инвеститорите во зелена енергија мора да бидат задолжени да постават јавни полначи на паркинзите, пред институциите и долж патиштата. Од ДОМ сметаат дека истата струја не смее да служи само за полнење на туѓи џебови туку мора да ги намали сметките на секое домаќинство во земјава

Над 560 илјади патнички возила биле регистрирани во Македонија заклучно со 2025 година, од кои приближно 392 илјади работат на дизел, околу 158 илјади возат на бензин, наспроти над 2 илјади што се движат на електричен погон и околу 7.400 се хибридни возила. Тоа значи дека над 550 илјади возачи на патнички автомобили ги чувствуваат ударите по буџетот поради драстично покачените цени на бензините и на дизелот.

Додека граѓаните плаќаат гориво над 100 денари за литар, а македонските градови со години се борат со загадениот воздух, зелената партија ДОМ смета дека државата дозволува големиот бизнис да заработува од нашето сонце, нашиот ветер и нашето земјиште, додека граѓаните од зелената транзиција немаат доволно директна корист. Се зборува за зелена транзиција, се најавуваат милионски инвестиции во соларни централи и ветропаркови, ама обичниот човек нема никаков бенефит од тоа.

Од ДОМ велат дека логиката е проста: ако некој користи државно земјиште и природни ресурси за да произведува електрична енергија и за да прави профит, тогаш мора да има и обврска нешто да врати назад кај граѓаните. Не може сонцето и ветерот да се наши само кога треба да се дадат на концесија, а профитот потоа да биде концентриран кај неколку големи компании.

– Ако се заработува од нашите сонце и ветер, тогаш дел од таа корист треба да ја почувствува и јавноста – велат од ДОМ, а како дел од начините го посочуваат задолжувањето на големите инвеститори во соларни централи и ветропаркови да учествуваат во изградбата и одржувањето јавна мрежа на полначи за електрични возила.

Потребата од ваква инфраструктура е повеќе од очигледна. Бројките покажуваат дека електричните автомобили почнуваат забрзано да растат. Според податоците за регистрирани возила, бројот на електрични патнички автомобили во Македонија пораснал од само 69 во 2020 година на 2.047 во 2025 година, односно за речиси 30 пати за шест години. Во исто време, бројот на хибридни автомобили, исто така, бележи силен раст и во 2025 година достигнал околу 7.400 возила. Ако се соберат електричните и хибридните автомобили, денес во земјата има речиси 9.500 возила со електрифициран погон.

Бројките се јасен знак дека граѓаните постепено бараат алтернатива на сè поскапите бензини и на дизелот, но државата мора да обезбеди услови за да оди тој процес побрзо. Ако сакаме луѓето да преминуваат од бензин и од дизел на електрични автомобили, мора прво да им дадеме услови за тоа. Не може на човекот да му кажуваме „купи електричен автомобил“, а потоа да нема каде нормално да го наполни. Треба да има полначи во градовите, населбите, на паркинзите, кај јавните институции и долж патиштата.

А податоците покажуваат уште една работа: и покрај растот на електричните и на хибридните возила, македонскиот возен парк и понатаму е речиси целосно зависен од фосилните горива. Дизелот останува убедливо најзастапен погон, а бензинот е на второ место. Значи, транзицијата кон почист транспорт е почната, но е далеку од завршена.

Од ДОМ посочуваат дека денес, секоја помала иницијатива за поставување полначи може да заглави во куп административни процедури, дозволи и мрежни правила.

– Секоја иницијатива за поставување полначи за електрични возила се соочува со бирократски ѕидови, а граѓаните се оставени да плаќаат прескапи фосилни горива. Затоа бараме итно и конкретно делување за заштита на јавниот интерес. За инфраструктурата за електричните возила да се наметне обврска на инвеститорите што користат државни ресурси за зелена енергија, да мора законски да се задолжат да изградат мрежа на јавни полначи за граѓаните. Исто така, сметаат дека е потребно демонополизирање на енергетскиот сектор преку итна измена на Законот за енергетика и крај на апсурдните ограничувања за полнење на возилата – велат од ДОМ.

Паралелно со тоа, од ДОМ сметаат дека средствата што се собираат преку еколошките такси треба да се користат за она за што и се наменети: почист воздух и почиста енергија. Дел од тие пари треба да одат во развој на јавна мрежа на полначи и во субвенции за граѓаните што сакаат да купат електрични возила.

Од ДОМ нагласуваат дека чистата енергија не треба да се сведе само на електрични автомобили. Треба да може многу повеќе домаќинства да постават соларни панели, да произведуваат сопствена струја и да си ги намалат сметките. Треба да има повеќе поддршка за малите производители на електрична енергија, за локалните заедници и за граѓаните што сакаат сами да придонесат за почист енергетски систем.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ