Општина Центар спровела координирана акција за иселување на бездомните лица од Паркот на новинарите, спроти објектот на „Нова Македонија“. Акцијата ја извеле општинските инспекциски служби, во координација со ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ) и со плициската станица Центар.
Од Општината велат дека на локацијата, години наназад се населувале бездомни лица со импровизирани шатори, се трупало ѓубре, а местото станало легло на зарази. Воедно, жителите од околните згради постојано пријавувале нарушување на јавниот ред и мир, но имало и физички пресметки на овој простор.
– Реагираме по кој знае кој пат на овој простор, секогаш по барање на граѓаните. Ја чистиме локацијата во неколку наврати, но бездомните лица постојано се враќаат и повторно го узурпираат паркот. Нема да се толерираат вакви појави во Центар. Ќе постапуваме секогаш кога се нарушуваат јавниот ред, безбедноста и хигиената на граѓаните – изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Тој апелираше до Министерството за труд и социјална политика итно да се вклучи во решавањето на статусот на овие лица за повеќе да нема вакви појави.
– По завршувањето на акцијата, просторот ќе биде целосно расчистен, а Паркот на новинарите ќе им биде вратен на жителите како чист и безбеден јавен простор за секојдневно користење – истакна Герасимовски.












