Соединетите Американски Држави за првпат јавно потврдија дека распоредиле вселенско оружје во Земјината орбита, наведувајќи дека тоа е неопходно за заштита на американските сили од непријателски дејства, објави BBC.
Американскиот секретар за воздухопловни сили, Трој Меинк, на Конференцијата за воздух, вселена и сајбер-простор изјави дека оружјето „во орбитата“ е дел од одговорот на САД на „заканите што еволуираат“, но не прецизираше за какви способности станува збор ниту кога оружјето било поставено во орбитата.
Американските воени претставници претходно најавуваа зајакнување на воените капацитети во вселената, укажувајќи на руските и кинеските програми насочени кон развој на способности за напад и попречување на американските сателити.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп наведе дека вселенските способности, заедно со пресретнувачките ракети, се клучна компонента на планираниот систем за воздушна одбрана „Златна купола“, наменет за заштита на САД од ракети и други воздушни закани.
Договорот за вселената од 1967 година го забранува поставувањето на оружје за масовно уништување во орбитата, додека САД, Русија и Кина во меѓувреме развиваа други способности за дејствување против сателити, вклучувајќи нивно попречување или уништување.
Вселенските сили на САД, најновиот род на американската војска, беа формирани во 2019 година за заштита на американскиот имот во вселената, вклучувајќи ги сателитите што се користат за комуникација и надзор.
Портпаролот на Вселенските сили на САД изјави дека „контролата на вселената“ опфаќа употреба на кинетички и некинетички средства за влијание врз противничките способности, вклучувајќи попречување, деградација и, кога е потребно, уништување.
„Овие способности можат да се користат за офанзивни и дефанзивни цели по упатства на борбените команди“, додаде портпаролот.
Според американските претставници, два руски сателита во почетокот на февруари веројатно пресретнале комуникации на најмалку десетина европски сателити од почетокот на војната во Украина во 2022 година.
САД во 2024 година исто така соопштија дека Русија лансирала сателит за кој веруваат дека би можел да биде способен да напаѓа други сателити.












