Околу 100 евра за еден месец или речиси 2.500 евра за максималните две години – толку ќе ги чини граѓаните откупот на пензискиот стаж според новите законски измени, кои веќе се наоѓаат во владина процедура. Како што најави министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, граѓаните на кои им недостигаат до 24 месеци, ќе можат со сопствена уплата да го остварат правото на старосна пензија. Мерката ќе важи исклучиво за неактивните осигуреници, односно лицата што повеќе не се во работен однос, наполниле 62 години (за жени), односно 64 години (за мажи) и имаат остварено најмалку 13 години работен стаж.
Како што образложи Велковски, пресметката за откуп на стажот ќе се врши според следниве параметри: основица – се земаат 50 % од просечната нето-плата од претходната година и стапка на придонеси – врз утврдената основица се применува стапка од 19,9 %. Согласно со овие параметри, доколку просечната плата изнесува 45.000 денари, основицата е 22.500 денари. Во тој случај, еден месец стаж ќе чини околу 4.478 денари (околу 73 евра), односно до 6.000 денари во зависност од конечните пресметки. Или за вкупниот трошок за две години (24 месеци) граѓаните ќе треба да издвојат околу 107.460 денари (од околу 1.750 до 2.500 евра). Сепак, висината на идната пензија ќе зависи од претходните примања во текот на работниот век и платата на која било пријавено лицето, а точните формули ќе бидат утврдени со финалното законско решение.
Покрај можноста за откуп на стаж, министерот Велковски се осврна и на вториот пензиски столб, демантирајќи ги шпекулациите дека Владата планира негово укинување или национализација. Наместо тоа, се најавува можна реконструкција со цел зацврстување на системот и обезбедување поголеми пензии.
– Пред дваесетина години, кога првпат се воспостави вториот столб, параметрите беа поинакви. Имавме различна плата, различен број вработени и различна демографска структура. Анализите треба да покажат што значи денешното штедење во вториот столб и какви пензии ќе остварат идните пензионери – истакна Велковски.
За таа цел, во тек се компаративни анализи со други европски држави што применуваат сличен пензиски модел.
Гевгелиските пензионери со поддршка за линеарното покачување
Партијата на пензионерите побара идните зголемувања на пензиите да бидат линеарни наместо процентуални, со цел сите пензионери да добиваат еднаков износ на зголемување, а нивното барање доби поддршка од Собранието на Здружението на пензионери на Гевгелија.

Ова барање од гевгелиското Здружение се темели на фактот што поскапувањето на храната и трошоците за живот подеднакво ги засегаат сите пензионери. Според нив, процентуалниот модел претставува неправда, бидејќи им носи значително поголеми суми на оние со високи примања, додека граѓаните со ниски пензии добиваат минимално покачување.
Претседателот на Извршниот одбор на Здружението од Гевгелија, Венчо Атанасов, истакна дека тие застапуваат над 4.500 пензионери, од кои повеќе од половина имаат ниски примања. Поради секојдневните притисоци од членството, Собранието на Здружението донело одлука официјално да го поддржи барањето за линеарно зголемување од 1 октомври.
– Разликите се веќе поставени: поголемиот придонес во текот на работниот век (преку стажот, образованието и работното место) веќе е пресметан во основната висина на пензијата. Во пензионерските денови, никој дополнително не инвестира, а цените на пазарот се исти за сите. Законските измени се можни. Тврдењата дека линеарното покачување е спротивно на законот не се пречка, бидејќи Владата го има потребното мнозинство во Собранието за да го измени законот, како што веќе го направи тоа во минатото, со претходните линеарни покачувања – истакна Атанасов.
Инаку, редовното законско усогласување на пензиите се врши двапати годишно (на 1 март и на 1 септември). По две години во кои се применуваа линеарни зголемувања со исти износи за сите, Владата најави враќање на процентуалниот модел, кој се пресметува според трошоците за живот и растот на платите.
(С. Бл.- Љ. А.)












