Детскиот културен центар „Карпош“ и оваа година, од 18 до 21 септември, ќе го организира меѓународниот детски фолклорен фестивал „Оро без граници“, фестивал што со децении ги негува орото, песната, музиката и традицијата, поврзувајќи ги децата и младите од различни земји преку универзалниот јазик на фолклорот.
Ова јубилејно издание на фестивалот „Оро без граници“ ќе се одржи на две локации: во Градскиот парк, на „Школка“, на 19 септември 2026 година со почеток од 19:00 часот и на 20 септември со почеток во 12:00, на платото пред „Скопје сити мол“.
Учесници на годинашното „Оро без граници“ се: фолклорната секција од ДКЦ „Карпош“ – Македонија; АНИП „Орце Николов“ – Македонија; ЦТКУ „Коста Абрашевиќ“ – Бачка Паланка, Србија; ФА „Емин Дураку“ – Македонија; фолклорното друштво „Драгатуш“– Словенија и ФА „Лилјан“ – Македонија.
– Еден од главните и најсимболични моменти на фестивалот е дефилето на учесниците, кое тргнува од центарот во 18:30 часот и од сите учесници се формира најголемото оро, оро што не познава граници, оро што е симбол на пријателството меѓу децата. „Оро без граници“ е празник на градот, кој широко им ги отвора вратите на Европа и на светот и е амбасадор на културата. Фестивалот придонесува за зачувување и за презентирање на традицијата и на културата и за промовирање на знаменитостите по кои е препознатливо Скопје – вели директорот на фестивалот, д-р Билјана Лалчевска-Серафимовска.
Покровител на фестивалот е Град Скопје.












