вторник, септември 15, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Увезуваме вештачко млеко од Украина и од Косово, а нашите крави и...

Увезуваме вештачко млеко од Украина и од Косово, а нашите крави и овци умираат од болести

Домашното сточарство се соочува со сериозна криза, додека увозот на млеко во прав расте. Сточарите предупредуваат дека болестите, ниските откупни цени, доцнењето на субвенциите и недоволните контроли дополнително го намалуваат сточниот фонд. Тие бараат поголема контрола на увозот и јасно означување на составот и на потеклото на млекото што се продава во маркетите, како и промена на Правилникот за квалитет на суровото млеко и консумното млеко, во кој јасно ќе биде наведено што содржи производот што го купуваат граѓаните – колкав процент е вистинско млеко, колкав процент е вода, а колкав млеко во прав

2

Во македонските маркети може да се најде увозно млеко од Србија, Босна и Херцеговина, па дури и од Косово, каде што, според сточарите, речиси и да нема сопствено производство на млеко. Тие предупредуваат дека ваквата состојба дополнително придонесува за уништување на домашниот сточен фонд, додека на македонскиот пазар се пласира увозно млеко за кое, според нив, потрошувачите немаат доволно информации за неговите потекло и состав. Дополнителен проблем, според последните информации со кои располагаат сточарите, е и увозот на млеко во прав од Украина. Тие тврдат дека млекото во прав потоа се меша со млеко и со вода, се пакува и се продава како консумно млеко во маркетите.

Сточарите бараат промена на Правилникот за квалитет на суровото млеко и конзумното млеко, во кој јасно ќе биде наведено што содржи производот што го купуваат граѓаните – колкав процент е вистинско млеко, колкав процент е вода, а колкав млеко во прав.

Тие сметаат дека потрошувачите имаат право да знаат каков производ купуваат и бараат поголема транспарентност при означувањето на млекото и на млечните производи.

Доколку не се смени Правилникот и не се воведат јасни правила за означување на составот и на потеклото на млекото, сточарите велат дека ќе се создаде впечаток дека некој ги штити интересите на млекарниците во државата наместо интересите на домашните производители и потрошувачите.

– Треба да се смени Правилникот и јасно да се знае колкав процент во млекото е вода, а колкав процент е млеко во прав. Млекарниците го мешаат млекото со вода и со млеко во прав, така што, според нашите информации, млекото во тетрапак во 90 отсто од случаите е составено од млеко во прав и од вода. Најголем дел од млекото во прав се увезува од Украина, Чешка и од други држави. Голем дел од млекарниците увезуваат млеко од Србија и од Босна и Херцеговина, кое потоа го мешаат со вода, го пакуваат и го продаваат како домашно млеко. Во маркетите има и млеко со потекло од Косово, па се поставува прашањето како може во Македонија да се увезува млеко од Косово кога таму нема крави – изјави за весникот ВЕЧЕР Борче Бучински, член на Управниот одбор на Националната земјоделска мрежа.

Тој вели дека дополнителен проблем е што не се врши соодветна проверка ниту на здравствената состојба на домашниот добиток, бидејќи државата им должи на ветеринарните друштва за извршените анализи во 2024 и 2025 година.

– Ветеринарните друштва земаат крв за да испитаат дали имаат животните некаква болест. Досега оваа година, тие немаат земено крв ниту од кравите ниту од овците и не знаеме дали се заболени. Со тоа го доведуваме во опасност и сопственото здравје и здравјето на граѓаните, бидејќи не се знае дали консумираат месо и млеко од здраво или од заболено животно. Освен тоа, поради болестите, стравуваме да го загубиме и тоа домашно производство што го имаме. Еве, гледате што се случи со овците: умираат чекајќи ги вакцините, а сточниот фонд ни се топи – додава Бучински.

Сточниот фонд е значително намален и кај кравите, а дополнителен проблем е што, според Бучински, 80 отсто од одгледувачите на крупен добиток не добиле субвенции за предадено теле во кланичен капацитет.

Според него, проблем е и откупната цена на месото. Кланиците го откупуваат месото по околу 170 денари за килограм, додека во месарниците и во маркетите се продава за околу 300 денари. Слична е состојбата и со млекото. Сточарите го предаваат по цена од 24 до 27 денари за килограм, додека во маркетите цената се движи од 70 до 100 денари. Бучински тврди дека дел од млекото што се продава во маркетите се меша со вода и со млеко во прав, додека млекото што го произведуваат сточарите има околу 4 проценти масленост.

Дополнителен проблем, според Бучински, се и субвенциите, кои се многу пониски од оние во Србија и во соседните земји, а и доцнат со исплатата.

– Сè уште не се исплатени субвенциите за пет месеци од 2025 година, а досега требаше да бидат исплатени и за првите четири месеци од 2026 година. Значи, доцнат за вкупно 10 месеци. Во соседна Србија, субвенцијата за една крава е 500 евра, во Словенија е 2.000 евра, а кај нас е само 8.000 денари – вели Бучински.

Состојбата со болеста кај овците дополнително го продлабочува проблемот со намалувањето на домашниот сточен фонд и производството на млеко, а одгледувачите предупредуваат дека последиците за овчарството може да бидат долгорочни.

– Ситуацијата со болеста е исклучително алармантна, се шири со голема брзина и е надвор од контрола. Досега пцовисаа или беа усмртени над 10.000 грла овци, а целосно се уништени десетици стада, главно во Источниот Регион – изјави за весникот ВЕЧЕР претседателот на Сојузот на одгледувачи на овци, Насер Џемаили.

Според него, дополнителен проблем претставуваат и ниските надоместоци што ги добиваат сточарите за уништениот добиток. Како што истакнува, обесштетувањето што го исплаќа државата не ја покрива реалната вредност на животните. Надоместокот се движи од 5.000 до 12.000 денари за грло, што е значително под пазарната цена. Со тие средства сточарите не може да ги надоместат загубите, ниту повторно да ги обноват своите стада.

Иако се договорени 500.000 дози вакцини како донација од Турција, нивното пристигнување и почетокот на вакцинацијата постојано се пролонгираат поради административни процедури и епидемиолошки процени.

Џемаили потсетува дека Сојузот уште пред една година почнал кампања за информирање и предупредување на сточарите за ризиците од болеста, но, како што вели, и покрај постојаните апели, сè уште нема сеопфатен план за справување со кризата.

Додека домашното производство трпи огромни загуби поради болестите и, како што велат сточарите, лошите стратегии, увозот на млеко и на млечни производи во земјава минатата година надминал рекордни 104 милиони евра.

Македонските компании масовно увезуваат млеко во прав и растителни масти, меѓу кои и палмино масло, кои ги користат како поевтина суровина во преработувачката индустрија. Според сточарите, ваквиот прекумерен увоз директно влијае врз откупната цена на домашното сурово млеко, правејќи го домашното сточарство сè понерентабилно и принудувајќи ги младите луѓе да ги затвораат бачилата и да се откажуваат од оваа дејност.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ