
Зинедин Зидан и официјално беше претставен како нов селектор на Франција и на својата прва прес-конференција испрати јасна порака кога станува збор за „судирот на титаните“ во светот на спонзорите, „Најк“ и „Адидас“.
Откако го напушти Реал Мадрид во летото 2021 година, Зи-Зу изјави дека сака да ја води Франција и одбиваше понуда по понуда сè додека не дојде повикот што го чекаше.
Во текот на прес-конференцијата, Зидан, кој потпиша договор со важност до 2030 година, одговараше на прашањата од присутните новинари, а една тема се најде во центарот на вниманието на фудбалската јавност. Тоа е „судир на титаните“ во светот на спонзорите кога станува збор за доаѓањето на Зидан на клупата на Франција.
Познато е дека „Најк“ ѝ е главен спонзор на француската репрезентација, но Зидан е и заштитен знак на „Адидас“ со децении. Новиот француски селектор беше прашан дали ќе ја прекине соработката со „Адидас“ поради новата работа, а неговиот одговор беше јасен.
– Не, нема да го напуштам спонзорот со кој соработувам 30 години. Имам договор со „Адидас“ и ништо не се менува. „Адидас“ нема да се меша во она што го имам со француската репрезентација – рече Зидан.
Претседателот на Француската фудбалска федерација, Филип Дијало, исто така се надоврза на оваа тема, и тој потврди дека договорот на Зидан со „Адидас“ нема да биде проблем.
– Кога е на собир на репрезентацијата, тренерот ќе носи опрема на „Најк“ Сè друго ,освен француската репрезентација, е негова приватна работа и тој има слобода да прави што сака – рече Дијало.
Се очекуваше Зидан да се појави во опрема на „Најк“ на официјалната презентација, но не се случи тоа и, неофицијално, во „Најк“ биле многу лути за таквиот потег, кој лесно може да предизвика огромен проблем за Француската федерација.
Зи-Зу носеше костум, што е целосно неутрално и се чини дека ова ќе биде неговиот начин да го избегне носењето опрема од „Најк“ колку што е можно повеќе и дека ќе го прави тоа само кога нема избор.
Од него се очекува да носи опрема од „Најк“ во текот на тренинзите и на подготовките на Франција и да го направи истото како и на официјалната презентација: да се појавува во костум на официјалните натпревари.











