Меѓународната гимнастичка федерација (ФИГ) потврди дека преговорите за воведување вештачка интелигенција во оценувањето на настапите на Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година се во напредна фаза.

Технологијата, развиена во соработка со јапонската компанија „Фуџицу“, користи камери и анализа на движењата за да им помогне на судиите да донесуваат попрецизни одлуки. Системот веќе беше тестиран на неколку големи натпреварувања, а на Светското првенство во Ротердам беше достапен за сите десет машки и женски справи.

Претседателот на ФИГ, Моринари Ватанабе, верува дека оваа технологија може да ги намали судиските грешки и контроверзиите. Причината е сè поголемата сложеност на гимнастичките елементи, кај кои човечкото око понекогаш не може да препознае минимални отстапувања.

Крајната цел е вештачката интелигенција еден ден целосно да го преземе оценувањето, без потреба од човечки судии. Сепак, реализацијата на планот ја отежнува договорот меѓу ИОК и компанијата „Омега“, кој важи до 2032 година.

ИЗДВОЕНИ