Поранешната НБА-ѕвезда, Ламар Одом, двократен шампион со Лос Анџелес Лејкерс, повторно го привлече вниманието на јавноста со неочекуван потег. Поранешниот кошаркар отвори профил на платформата „Онлу фанс“, каде што најавува дека неговите следбеници би можеле да откријат досега непознати детали од неговиот живот.

Според американскиот медиум „ТМЗ“, Одом сè уште не откри каква содржина ќе објавува, но навести дека подготвува изненадувања. Иако платформата најчесто се поврзува со содржини за возрасни, засега нема потврда дека неговиот профил ќе нуди експлицитни материјали.

  • Кога луѓето ќе слушнат „Онли фанс“, автоматски помислуваат на една работа, но јас не сум тука за да ви кажам што ќе видите, а што не, изјави Одом за „ТМЗ“.

Тој додаде дека неговиот живот бил исполнет со турбулентни моменти и дека постојат делови од неговата приказна што јавноста сè уште не ги запознала. Во новиот проект би можела да му се приклучи и неговата девојка, Рејчел Бредли, која исто така отворила профил на платформата.

Животот на Одом со години беше исполнет со големи спортски успеси, но и со сериозни лични проблеми. Неговиот брак со ријалити-ѕвездата Клои Кардашијан постојано беше во центарот на вниманието, а поранешниот кошаркар отворено зборуваше и за својата борба со зависностите.

Најдраматичниот момент се случи во 2015 година, кога беше пронајден во бесвесна состојба во бордел во Невада. Одом помина три дена во кома, а потоа следуваше долг процес на закрепнување и рехабилитација.

Години подоцна, тој изјави дека не се сеќава на голем дел од случувањата и дека се сомнева оти некој му ставил недозволена супстанца во пијалакот. Сепак, неговите сомневања никогаш не беа потврдени со докази.

На кошаркарски план, Одом остави значаен белег во НБА-лигата. Со Лејкерс освои две последователни титули во 2009 и 2010 година, а во 2011 година беше прогласен за најдобар шести играч во лигата.

Сега, повеќе од една деценија по драматичниот инцидент што за малку ќе му го одземеше животот, Одом започнува ново поглавје. Останува да се види какви изненадувања подготвува и дали неговиот нов проект повторно ќе го стави во центарот на вниманието.

ИЗДВОЕНИ