Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, денеска ги додели решенијата за субвенции за набавка на велосипеди.
–Овие субвенции не се само финансиска помош за набавка на велосипед. Тие се инвестиција во поздрав животен стил, почиста животна средина и подобра иднина за нашата општина. Секој нов велосипед на улиците значи помалку загадување, помал сообраќаен метеж и повеќе грижа за здравјето на нашите граѓани. Како локална самоуправа остануваме посветени на реализација на мерки и проекти кои носат директна корист за граѓаните. Нашата цел е јасна – средствата да се враќаат назад кај луѓето преку конкретни политики што го подобруваат секојдневието – истакна Стефковски.
Денеска и градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, потпиша 67 решенија за доделување еднократна парична помош за набавка на велосипеди.
–Преку оваа мерка, општината продолжува активно да придонесува за заштита на животната средина и намалување на загадувањето – нагласија од Општина Илинден.
Финансиската поддршка изнесува 50 проценти од вредноста на набавениот велосипед, но не повеќе од 4.000 денари по корисник.
Од Општина Илинден ги известуваат граѓаните кои го оствариле правото на субвенција да ги подигнат решенијата од архивата на Општината, за да се реализира исплата на одобрените средства.












