Крстарење кон Карибите, на кое се наоѓаа повеќе од 5.000 патници, неочекувано заврши во Канада. Поради невреме, бродот за крстарење „Oasis of the Seas“ беше принуден да го промени курсот и наместо да стигне до планираните дестинации на Флорида и на Бахамите, тој вплови во Халифакс.
Повеќе од 5.000 патници се качија на бродот во Њу Џерси во неделата, за седумдневно крстарење. По застанувањето во канадската провинција Нова Шкотска, бродот првично требаше да се упати назад кон американските води.
Според канадскиот медиум CTV News, патниците биле известени за промената на рутата уште пред бродот да исплови. „Royal Caribbean International“ наводно им обезбедиле одредена финансиска компензација и ваучери за патување. Сепак, промената на плановите – поради која завршија на канадскиот брег на Атлантикот наместо на Карибите – остави многу патници незадоволни.
Николас Мели допатувал од Торонто во Њу Џерси со своето семејство за да се качи на бродот.
„Многу сум разочаран. Јас доаѓам од Канада, а сакав да одам на Бахамите“, изјави тој за CTV News.
Мери Дарнинг, од Њу Џерси, исто така морала во последен момент да ги промени своите планови. Таа спакувала капа и штитници за уши за значително постуденото време, но не и шал. Таа раскажа дека нејзиниот сопруг, кога слушнал дека бродот се пренасочува кон Халифакс, првично помислил дека станува збор за шега. Повеќе од 5.000 патници тргнале од Њу Џерси кон потопли краишта, но невремето ја насочило нивната рута кон канадскиот брег на Атлантикот.
Некои од патниците ја искористиле оваа непланирана пауза за да го разгледаат Халифакс. Тие уживале во прошетки покрај брегот, шопинг и обиколки на пристаништето.
Џим Метјус, од Њу Џерси, истакна дека Халифакс е прекрасен град и дека има намера да го извлече најдоброто од оваа ситуација.
Патниците поминаа еден ден во главниот град на провинцијата Нова Шкотска. Бродот „Oasis of the Seas“ требаше повторно да исплови во средата навечер. По ова, предвидени се три дена пловење на отворено море, пред бродот да се врати во Њу Џерси.












