Обвинителството во Кочани поднесе обвинителен акт против три лица и обвинителен предлог против уште шестмина за поткуп, злоупотреба на службена положба, оддавање службена тајна и фалсификување службени исправи. Со прикривање даночни неправилности, на буџетот му е нанесена штета од 98.400 денари.
Основното јавно обвинителство Кочани поднесе обвинителен акт против три лица и обвинителен предлог против шест лица за кривични дела поврзани со даночните контроли на Управата за јавни приходи (УЈП) во дискотеката „Пулс“ во Кочани и во други поврзани фирми.
Двајца даночни контролори се обвинети за примање поткуп, а третото лице за давање поткуп. Според обвинението, контролорите побарале и примиле очила и рачен часовник за да го информираат обвинетиот за ненајавени вонредни контроли во фирмите во кои бил одговорно лице.
Еден од контролорите, иако знаел дека не смее да открива информации од даночна постапка, преку пораки на „Вибер“ го известувал обвинетиот за активностите на УЈП и Министерството за внатрешни работи во врска со фирмите. Поради тоа, обвинет е и за продолжено кривично дело оддавање службена тајна.
Двајцата контролори се товарат и за злоупотреба на службената положба и овластување. При контрола на 6 март 2024 година во фирма во која одговорно лице бил обвинетиот за давање поткуп, утврдиле даночни неправилности и нерегистриран промет, но не ги внесле во записникот. Со тоа, според обвинителството, на буџетот му била нанесена штета од 98.400 денари, односно не била наплатена предвидената глоба.
За да ги прикрие неправилностите, вториот контролор го фалсификувал службениот извештај од контролата, поради што се товари и за фалсификување службена исправа.
Обвиненија и за други даночни контролори и инспектори
Обвинителен предлог е поднесен и против четворица други даночни контролори и инспектори за злоупотреба на службената положба и овластување, а еден од нив се товари и за фалсификување исправа.
Дополнително, една вработена во Државниот пазарен инспекторат е обвинета за оддавање службена тајна, бидејќи откривала информации за тоа кога ќе се спроведуваат акциските контроли.
Според обвинителството, контролорите и инспекторите вршеле даночни контроли во фирми чиј реален сопственик бил шестиот обвинет, татко на лицето претходно обвинето за давање поткуп. И во овие случаи, утврдените неправилности не биле евидентирани, а извештаите за извршените надзори биле фалсификувани, со што на фирмите не им биле наплатувани законски предвидените глоби. Во злоупотребите, според обвинителството, учествувал и самиот реален сопственик.
Кривичната пријава за злоупотреба на службената положба опфаќала уште четири лица. За две од нив постапката е запрена поради застареност, додека за другите две било утврдено дека не презеле дејствија што претставуваат наведено или друго кривично дело што се гони по службена должност.












